http://www.ndm.org.mk/ndm/index.php?option=com_content&view=article&id=123:2010-03-23-17-38-46&catid=50:2006&Itemid=111МВР НЕ ЈА ЗБОРУВА ВИСТИНАТА ЗА ПАСОШОТ НА ВРАНИШКОВСКИ Среда, 26 . 07 . 2006 НДМ Соопштенија / Прес
НАРОДНО ДВИЖЕЊЕ ЗА МАКЕДОНИЈА денеска со реакција како одговор на демантот од МВР дека не издало пасош за Јован Вранишковски. Во прилог следи интегралниот текст на одговорот на НДМ
Предмет: Одговор на демант на МВР,-
Во изданието на “Шпиц” од 26 јули 2006 година, МВР го демантира тврдењето на Народно движење за Македонија (НДМ) дека полицијата му издала пасош на Јован Вранишковски, во време кога за него се водат кривични постапки. Притоа, во полицискиот демант се вели дека на Вранишковски му била издадена патна исправа во 2003 година, која подоцна му била одземена. По дополнителните проверки, НДМ утврди дека на Вранишковски му е издадена уште една патна исправа на 27 декември 2003 година и со ова всушност самата полиција несвесно потврдува дека му издавала пасоши на Вранишковски во период кога во никој случај не смеела да го прави тоа, бидејќи и оваа патна исправа, која се потврдува во полицискиот демант, е издадена кога за Вранишковски се водат кривични постапки.
Имено, по склучувањето на т.н. нишка спогодба на 17 мај 2002 година, Светиот архијерејски синод на МПЦ на 9 јули 2003 донесе одлука за расчинување на поранешниот митрополит повардарски Јован и негово враќање во редот на мирјаните со неговото световно име. По ова, до издавањето и на оваа патна исправа во декември 2003 година, за Вранишковски се водат еден куп кривични постапки кај велешкиот и битолскиот суд за повеќе кривични дела, проневера на парични средства, омаловажување службено лице и неизвршување негова наредба, разгорување национална и верска омраза и други. Во тоа време, покрај судските постапи, истовремено се преземани и полициски мерки, како претреси, информативни разговори и слично спрема Вранишковски и кон одредени лица од неговата дружина: Горан Кимев (отец Марко), Јаким Јовчевски (отец Јоаким), Благица Цветковска (сестра Фотина) и други.
Дури имавме случаи Вранишковски трипати едно подруго да не се појавува во битолскиот суд поради што во еден момент ќе биде и притворен со одлука на истражниот судија, а, од друга страна, за “чудо”, полицијата, како што кажува во демантот, му издава нова патна исправа во 2003 година (27 декември), без оглед на наведените судско-полициски постапки. Ова не заслужува одделна елаборација, бидејќи и на неупатените во правната проблематика им е јасно дека во такви ситуации патните исправи се одземаат, а никако не се издаваат нови.
НДМ и во оваа пригода ги осудува манипулациите на актуелната власт во заминување во врска со т.н. случај Вранишковски и бара да се престане со негово затворање по потреба, исчезнување по потреба, распишување потерници по потреба, негово пронаоѓање по потреба и слично ( а сега гледаме дека се издавале и повеќе патни исправи по потреба), туку искрено и целосно овој случај да се расчисти онака како што и доликува на една правна држава, за најпосле Вранишковски и неговата дружина, како странски платеници и црковни отпадници кои работат на разнебитувањето на македонскиот народ и црква, да ја добијат залужената казна.
Бидејќи во демантот МВР само на општ начин кажува дека нова патна исправа му била издадена на Вранишковски во 2003 година, ги повикуваме да го дадат на увид соодветниот картон-барање за издавање пасош за да се види точниот датум на издавање, за да се види дали и оваа патна исправа е издадена во услови кога за Вранишковски веќе се водат спомнатите кривични постапки, и на тој начин всушност да се види кој во случајов ја кажува вистината.