Ги отепа!!!
Ќебап мантии!
Автор: Ацо Кабранов
Датум: пред 3 часа
Прочитано: 1011
Сподели со твоите пријатели!
Соопштението на синодот на МПЦ, од пред некој ден, со анатеми и инструирање на народот, кој бил патриот кој предавник, кој чувал идентитет кој работел на обезличување на Македонецот, да бидам искрен ниту ме изненади, ниту ме вџаши. Само уште еднаш ми се потврди дека МПЦ ја водат бизнис владици или како што си ги викам ќебап мантии. Ќебап оти мантиите наместо на темјан на повеќето од владиците им мирисаат на ќебапи, оти наместо в црква и манастири, ждерат по ресторани и биртии и прават бизнис зделки, и се разбира водат политика, наместо да шират љубов меѓу народот. Па нели едно од начелата им е љуби го ближниот свој, да не зборам за оние главните, не лажи и не кради.
Што ги натера владиците да застанат зад едно такво срамно клеветничко соопштение, па макар било тоа и за Љубчо предавникот, кому на времето истите тие му бацуваа рака и трчкаа по него и неговата Снешка, а сега му фрлаат предавничка анатема. Што си имаат да си кажат е нивна работа, но сепак, мене, да бидам искрен ми се збурбати од дедо Стефан и камарилата околу него. Дедото е световно чедо на Лубчо и Доста, тие со притисок и лобирање го устоличија. Тој седна на тронот и чинам одма ги почна бизнисите. Владиците седнаа во скапи џипови, а еден од нив дури и се возеше со калашников во автомобилот. И да не должам, многуте скандали беа навидум ситни, а народот уште во нив го гледаше Господ. Реата од синодот буфна во јавноста дури со Нишкиот договор.
Еве сега ке ви признаам, тие ќе го скриеја договорот, како што криеја дека и биле во Ниш и туриле парав на ново име на црквата во која го нема зборот Македонска, да не беше Васко Попетревски колегата од А1, кој ми најави како уредник, дека за вестите во 19 има ексклузива. Ми спомна некој скандал околу МПЦ и ми покажа некој документи и толку. Петнаесетина минути пред 19 дојде на мојот компјутер и како што и друг пат колегијално правевме погледна со што ги отворам вестите. Неговата за МПЦ ја бев ставил подолу, не придавајќи и некое големо значење. Васко се сврти и ми рече - Ацо ова со МПЦ е од новинарски аспект ексклузива, а за МПЦ скандал без преседан. Сфатив дека оптовареноста од подготовка на вестите, додека Васко ми кажувал што има, не сум го дослушал. И да не должам во 19 часот отворив со скандалот во Ниш. Покритие за веродостојност имавме во копија од документот, еве ќе обелоденам (нешто што е надвор од новинарската етика) добиени од Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес. Што се случуваше потоа горе - доле знаете сите. Нормално некој од владиците направија обид да ни извршат влијание А1 да омекне, па прво се обидоа некој од нив да го бранат, па кога сфатија дека тоа што потпишале во Ниш нема да помине кај народот најлигаво се повлекоа, изговарајќи се дека тоа што го потпишале не го потпишале. И тоа беше нивното прво јавно офирање. Се извадија Наум и чинам Петар, а само она шутарката од распоп Јован Вранишковски до ден - денес остана на срамниот договор во Ниш. И така великодостојниците од МПЦ по ова престанаа да бидат табу тема и медиумите почнаа да им ги вадат и нив валканиците, но се уште нежно претпазливо од шубето да не прават грев. Еве нешто од она што го знам, а сакам да ви го раскажам.
Се сеќавам дека на еден ручек кај поглаварот, на кој бевме викнати неколку уредници во времето на бурата и скандалите што ги правеше, нивното одметнато духовно чедо, распопот Јован, јас, дедо Стефан не го прашував за тоа оти бев сигурен дека се усрани и сакаат што побрзо и Нишкиот и Јован да се заборават. Ручајќи го прашав дедо Стефан дали е точно дека еден владика (чинам беше седнат до Латас ) од синодот на МПЦ има грчки пасош, а за да го добие тоа морал да се откаже од македонското државјанство, или, пак, имал специјални заслуги кај Грците. Дедо Стефан подзина и кусо ми одговори – не ми е познато, ќе проверам, па биди сигурен дека ќе ти одговорам. До ден – денес одговорот не стигна. Ова ми иде како да ви се исповедам, ама морам да ве потсетам на уште два скандала која ја потресоа МПЦ и фрлија темна сенка кај верниците - срамната продажба на Говрлево (археолошки локалитет од историско значење за Македонија) и тоа на грчката компанија сопственик на скопската Цементарница. За милион евра патриотот дедо Стафан беше го продал Говрлево. Ама нотарката, еве ќе ви откријам, по преспаната ноќ, утрото, на втори август – Илинден оптоварена дека аминувала грев, ми се јави во Канал 5 и ми го понуди купопродажниот договор. Немав дилема и тогаш и сега дека и покрај се вестите ќе ги почнам со криминалот, а после за големиот празник. По скандалот дедо Стефан ја здувна на гости во Романија. И за тој договор властите му премолчија. А за оној најстрашниот, со хотелот Изгрев, дедото најверојатно може само да му целива рака на Груевски, а не тој нему. За криминалот, што тогаш го испиутваше Агенцијата за перење пари, Груевски наводно на два пати го викал лично тогашниот директор Ване Цветанов. Од него наводно барал да ја тера работата со вината на Миладинови, а онаа на МПЦ да ја заобиколува. И така скандал, по скандал дедо Стефан сакал или не, исончан од изгревот, стана слепа сенка со мандало, на секоја лопата на Грујо.
Има уште многу, но доволно е да ви ја доловам мојата претпоставка зошто Стефан и другите владици чучат мирно во скутот на Грујо и водати негови битки. Се разбира не сите, туку оние во врвот - најумните глави. Сето ова ви го кажувам за да ја отворам приказната за фамозното соопштение на МПЦ против предавниците и Љубчо. Што ми е поентата – Дали владиците сами го составиле катил ферманот или само рекле Амин и тоа отишло во јавноста. Што ако пак е точна информацијата дека еден од релативно помладите владици, другарче на Мартин и можеби духовен отец на Груевски вечерта пред седницата на Синодот бил виден во зградата на Илинденска број 2. Е сега ако бил, дали го пишувале со Мартин, па отишле на чаша џус од портокали кај премиерот и на редактирање на соопштението знаат најдобро тие. Дали и сите владици знаеле дека аминуваат писание добиено одозгора или пак онака покорно заради путерот на главата рекле амин и не прашале кој го составил. Ако е така ние и над поглаварот господин господин Стефан имаме надреден, господин господин господин Никола. По урнекот на Туџман и Милошевиќ нашиот синод чинам до гуша е во спрега и послушнички однос со врвот на актуелната власт и се разбира војнички работи за нив без разлика дали е милум или силум.Се плашам дека верниците ја губат вербата во нив, а црквата дали сме верници или не, е стожер на државата, а не аргат на власта, туку на народот. Но време е граѓаните, а пред се верниците да осознаат кој аминува, а кој вика само амин и игра слугарско црковно партиски дворски игри за големи пари.
Млада партизанка
Само накусо оти ја претерав со должината само уште за мојата најнова љубимица, Силвана Бонева. Наместо бугарка какошто ја „наклевети“ оној бугарскион европратеник, Силви да ти била млада партизанка, предците и биле партизани, ама репресирани од комунистите. Силви не очекував да те испровоцираат комуњарите Шема и Јани. Не наседнувај на нивните провокации глеј си до каде е со штанцањето на твојата диплома и оп по докторот Латас, магистерот Урко, ти стануваш правник. Они бе Силви сакаат да ти накалемат дека под влијание на сопругот си бугарофилка за да те шутнат и да те вратат таму кај што пред политиката си била, на нивите, кај вашите френки (патлиџани), а не разбираат дека ти брате напредуваш метеорски, и кај и да е ќе станеш можеби прв човек, не на оние ниските туку директно на Уставниот суд. Ако и ти не си веруваш во себе не биди скромница, осмели се и прашај ја Клеопатра.
Ацо Кабранов
http://www.libertas.mk/vest/30966/Kjebap-mantii