Струмичка епархија: актуелно, 22.06.2011
Зошто Александар Македонски?http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=4721Секој народ има своја главна идентификациска идеја врз основа на која го гради својот идентитет како и своето времено (би рекол, под одредени услови, и вечно) национално единство, со цел да ги оствари своите времени (би рекол, под одредени услови, и вечни) национални цели. Заснован на главната идентификациска идеја, идентитетот потоа може и да се надоградува.
Зошто велиме идентификациска идеја, а не велиме дека тоа со кое ние национално се поистоветуваме, односно идентификуваме може да биде и нешто материјално (иако за некого и тоа не е сосема исклучено). Од две причини: прво, затоа што вообичаено како идентификациска идеја се појавува идеализираната татковина, или пак некоја идеализирана историска личност (и така само личности ја прават историјата), или некој историски настан или состојба поврзани со таа личност кои се сега веќе минато и не постојат како такви освен во сеќавањето; и второ, затоа што идејата е неделива и истовремено секој може во потполност да ја присвојува без судир со интересот на другите, додека пак материјалното е деливо и неговото присвојување создава раздори и несогласувања, па дури и војни помеѓу луѓето.
Идентификациската идеја воопшто не мора да зависи од ДНК, од крвното сродство или од јазикот на кој се говори (на пример: САД), од границите (на пример: Евреите низ историјата и денес) итн. Идентификациската идеја не е ни временски ограничена, може да биде од поново и може да биде од постаро време. Идентификациската идеја не зависи ни од артефактите (ретко кој и ги има релевантните, соодветните) и затоа не треба да се меша со антиквизација. Идентификациската идеја е независна од што и да е.
Идентификациската идеја има уште една димензија која заради своето големо национално влијание и значење мора да се спомне. Имено, идентификациската идеја, како нешто што не се дели и како нешто што истовремено секој може во потполност да го има, образува синовски однос кон татковината и пријателски или братски однос помеѓу луѓето соединети околу неа. Еднаш свесно прифатената идентификациска идеја потоа цврсто се вкоренува во емоциите на човекот, до толку што тој е спремен и животот свој да си го положи за неа (идејата – татковината). Таквиот не може да се заплаши или купи, со ништо.
Тоа не е случај со материјалното. Кога материјалното би било нешто со кое се идентификуваме, или поистоветуваме, тоа, како нешто деливо и како нешто при чие присвојување се создаваат само поделби и непријателства, може да образува само наемнички или трговски однос кон татковината, и кон своите сограѓани. Никој кој има само трговски или наемнички однос кон татковината, не би си го положил својот живот за неа. На таквиот, татковина му е секоја земја од која би имал поголем интерес. Сепак, и во двата случаи се работи за душевен, а не за духовен процес.
Православната вера не може да биде тесно хоризонтална, односно национална идентификациска идеја, како што се пропагира меѓу некои православни народи. Православната вера нема тесно национална димензија. Идентификациската идеја на православното христијанство има хоризонтално универзална и вертикално есхатолошка димензија: Нема веќе ни Јудејци ни Елини [Македонци или Албанци или Власи итн.], ни роб ни слободен; ни машки ни женски; зашто сите ние сме едно во Христос Исус (сп. Гал. 3, 28). Оваа состојба е духовна и се достигнува преку соодветен процес на духовен развој. Светите Методиј и Кирил како и светите Климент и Наум се главно дел од вертикално-есхатолошката димензија на православно-христијанскиот идентитет на македонскиот народ. За секој православен христијанин хоризонталниот идентитет не смее во неговиот ум и срце да биде поставен пред вертикалниот идентитет.
Секој народ има своја идентификациска идеја, па така и нашите соседни народи. Бугарите имаат своја идентификациска идеја, Србите – своја, Грците – своја и Албанците – своја. Кога говориме за идентификациска идеја, ирелевантно е колку е таа вистинита или верна (за верување), или колку е таа смешна или сериозна, или колку таа ни се допаѓа или не, или колку ни е таа позната или непозната итн. Патриотски е максимално да се почитува и својата идентификациска идеја како и слободното определување на другите народи за нивните идентификациски идеи. Ваквиот став теоретски го гарантира и меѓународното право како и меѓународните организации. Национализмот и етнофилетизмот ја глорифицираат сопствената идентификациска идеја и ги омаловажуваат туѓите идентификациски идеи и го негираат правото на луѓето за слободно определување на својата идентификациска идеја. Ваквиот став теоретски го осудува и меѓународното право.
Македонскиот идентитет (како веќе прифатен од огромното мнозинство народ), како и идентитетот на Република Македонија, е нераскинливо поврзан со идејата за Александар Македонски и со античка Македонија. Ниту една друга идентификациска идеја не го оправдува името Р. Македонија и името Македонец. Па дури и грчките предлози и кованици Горна или Северна Македонија како и Славомакедонци се незамисливи без идентификациската идеја за Александар и античка Македонија. Затоа за ниту еден Македонец или совесен граѓанин на државата наречена Р. Македонија или за странец не би требало да биде спорно само по себе поставувањето на симболот на таа идентификациска идеја – споменикот на Александар Македонски, како идентификациски белег, на главниот плоштад „Македонија“ во главниот град на државата, во Скопје. Тоа е логиката на овој чин. Ако некому не му се допаѓа, таквиот ако може нека смисли друг идентитет и друга идентификациска идеја, како и нејзин белег. Или можеби некој знае за друга идентификациска идеја? Важно, со овој идентитет што го имаме оди овој идентификациски белег, односно споменик и затоа мислам дека непотребно се расправаме.