Сомнителниот патриотизам на ГруевскиЃорѓи Спасов
Тоа е оној вид национализам кој Грција великодушно би го финансирала и кој и' обезбедува алиби за остварување на нејзината крајна цел
Македонија веќе седум години чека на дозволата за започнување преговори за членство со ЕУ. Веќе четири години откако Албанија и Хрватска станаа членки на НАТО Македонија чека покана за членство. Според најновите податоци од државниот завод за статистика економијата не расте туку назадува. Стапката на невработеност не се смалува, стапката на сиромаштијата е се повисока а огромен број на граѓани се иселуваат од земјата во потрага по леб и поубав живот. Македонија ја губи надежта дека еден ден ќе фати чекор со земјите од ЕУ, и затоа почнува да се зборува за нејзино можно обединување со Албанија и Косово во заедница Алмако и за обединување во заедница на Алмако со Црна гора или во некој вид на балкански ,,Бенелукс,,.Во таа смисла е добро што го потпишаваме охридскиот рамковен договор кој ни гарантира службена употреба на македонскиот јазик во општините во кои ќе бидиме над 20% од вкупното население.
Премиерот Груевски и претседателот Иванов во таквите сценарија не гледаат ништо страшно или барем ништо пострашно од барањето на Грција за компромис околу името. Нивната основна и единствена политика веќе седум години се состои во пораката: „Важно е на клетите Грци да не им се попушти“. И со таа порака како самите што тврдат веќе шест пати победувале на избори. Но, дали некој помислил дека политиката на Груевски е токму она што најмногу го посакува Грција? Тоа е оној вид национализам кој Грција великодушно би го финансирала и кој нејзе и обезбедува алиби за остварување на нејзината крајна цел.Ќе наведам само еден пример од блиската политичка историја на Балканот.
Пред многу години во Србија се појави еден српски бизнисмен од САД по име Милан Паниќ. Во него САД и меѓународната заедница препознаа личност која би можела на легален начин да го победи на претседетелските избори националистот Милошевиќ. Испитувањета на јавното мислење покажуваа дека во трката за претседател Милан Паниќ би добил 36% од гласовите а Слободан Милошевик 48%. Но, во тоа време, Косово беше се' уште во составот на Србија. Странците пресметаа дека Албанците од Косово кои веќе имаа свои партии преставуваат 16% од гласачкото тело за тие претседателки избори. Затоа според некои извори започнаа силни убедување на тогашниот лидер на косовските Албанци, Ибрахим Ругова, да излезат Албанците на гласање и со тоа легално на избори да биде победен Милошевиќ. Според истите извори, Ругова го одбил таквиот предлог со следново образложение. ,,Од Милан Паниќ кој е умерен политичар и ја има подршката на САД, ние Албанците на Косово ќе добиеме само широка автономија а со Милошевиќ кој е националист и не сака да слушне за компромис, ќе ги оствариме нашите крајни цели, незвисно Косово“.
Понекогаш ми доаѓа на памет мислата дека можеби и Грците така размислуваат. Со Глигоров, Црвенковски па и Георгиевски тие можеби би добиле сосед кој ќе се вика Северна или Вардарска Република Македонија, и се свесни дека, на таа членка на ЕУ и на НАТО, не ќе можат ништо да и променат, ниту во словенскиот идентитетот на Македонците ниту во името на нивниот јазик. А со Груевски многу поверојатно ќе добијат сосед во вакум простор и полека ќе дојдат до заедничка граница со Србија. На грчките националисти им одговара Груевски и како менталитет и како политичар и како трагач по новиот идентите на Македонците, и тие би имале многу причини да инвестираат во неговото одржување на власт.
На пример: Само на грчката политика и одеше во прилог токму пред самитот на НАТО во Букуреш, додека Груевски се поклонуваше на гробот на Гоце Делчев никој да не забележи дека на споменикот виси карата на Македонија во нејзините етнички граници, која Грците ја искористија за укажување на ,,територијалните претензии,, на Македонија кон Грција. Но никој по тоа не се обиде да дознае дали картата била подметната или била смислена провокација со одбрение на Груевски. Само на Грција и одеше во прилог, на неколку дена пред самитот, министерството за култура на Груевски да спонзорира изложба на уметник кој на билборд ја рекламираше својата изложба со грчкото знаме на кое беше ставен нацистичкиот кукаст крст.Тој билборд го искористија Грците да ја запознаат моќната еврејска заедница во светот со омаловажувањето на грчката антифашистичка борба од страна на Македонија. Но, никој не се потресе во македонската влада за тоа. И никој до сега не испита дали сосема случајно биле финансирани најистакнатите дејци на сегашната влада, додека биле во опозиција преку фирмата ,, Аналитико,, која изгледа некако била поврзано со грчкиот милиардер Кондоминас. Каква е точно улогата на Груевски во потпишувањето на анексите за ОКТА со кои се одлеани големи пари од владата во рацете на Грците и како тој истиот Кондоминас, чие име се споменува во коруптивни афери во земјава при продажбата на телекомот, добива убава парцела на плоштатодот во Скопје од Груевски, на која веќе гради голем објект во барок.
Оттука, многу околности оставаат впечаток дека ,,патриотизмот“ на Груевски околу прашањето за името е сомнителен бидејќи им дава голема предност на Грците во очите на меѓународната заедница. Ако се направи анализа на неговите потези во однос на спорот околу името тогаш може да се утврди со точност дека секогаш кога ќе се покажеше некоја шанса за напредок во разговорите, се јавуваше Груевски за да ја уништи таа шанса во зародиш. Така на пример, кога по самитот во 2008. години претседателот Буш остави простор во најкус можен рок да се дојде до решение под покровителство на САД врз основа на прифатениот предлог од страна на Груевски и Црвенковски за името (Република Македонија(Скопје), Груевски распиша избори ,,за да не можел никој во Македонија политички да го уценува“. Кога Папандреу го укина грчкото министерството за Македонија, како знак на добра волја, Груевски под итно автопатот кон Грција и аеродромот ги именува со Александар Македонски, фудбалскиот стадион го нарече Филип Втори и почна да го гради споменикот на Александар со фалангата во центарот на Скопје. Кога од неколку страни дојде абер дека можеби името Северна Македонија, за неѓународна употреб, може да биде решение кое не го загрозува ниту идентитетот ниту јазикот тогаш Груевски побрза да даде интервју во кое изјави дека ,, ако на референдум биде ставено името Северна Македонија,, јас ќе гласам против.
Со други зборови, Груевски е најдоброто алиби за грчкиот национализам.
Оваа позиција на Груевски не би се рекло дека не и одговара и на ДУИ. За Албанците во Македонија, најважен концепт во интегрирањето беше да се направат невидливи и непостоечки границите меѓу Македонија, Косово и Албанија. И тоа со договорите за минување на границата само со лични карти, со интезнизната комуникација и бизнис е веќе остварено..Прераното членство на Македонија во ЕУ можеби ќе создаде дури и потешкотии во таа комуникација со Косово и Албанија. Оттука на Сарачини и Али Ахмети идејата за Алмако или балкански Бенелукс можеби им изгледа и поевропска во овој момент од интегрирањето на Македонија во ЕУ. Но, во такви околности на безизлез, може да се случи некој да побара Македонија да се обединува само со Србија и Црна гора кои порано од Косово и Албанија ќе почанат разговори за членство во ЕУ.
(Авторот е универзитетски професор)
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=1F6907D20FF3B54598299E4DEA68D510