По Слупчане и Чаир - за можниот крај на македонската државаПолитичките парадокси и апсурди во Македонија постојано добиваат интензитет. Тие се толку видливи, толку јасни – што веќе и малите деца можат да ги препознаат; процесите се транспарентни, тенденциите се евидентни. Сите знаци недвосмислено сугерираат дека наскоро, ако не се измени општиот политички дискурс кај политичките партии на македонскиот народ во Македонија, ќе бидеме сведоци на максимално интензивирање на агонијата на нашата држава, а потоа и нејзина потполна де(кон)струкција. Слупчане и Чаир (како најнови понижувања на правната држава) се соодветен повод за критичка анализа на кратката историја на современата македонска држава, согледување на грешките и за поставување нови наративи за Македонците.
Од почетокот на конституирањето на современата македонска држава се присутни редица погрешни ориентации во политиките. Најкобна од сите нив, онаа што (може да) доведе до комплетна деструкција на државата, е односот на државата кон малцинствата, особено албанското малцинство. Давањето неверојатно големи колективни права (сличен пример нема никаде на целата планета, низ целата историја на унитарните држави) со првиот Устав, масовното давање државјанства, опортунизмот заради полесно владеење односно злоупотреба на политичката власт, се грешки. Овие одлуки не резултираа со интеграција на (политичките претставници на) ова малцинство, туку со радикализација, експанзија и сознание дека Македонците се на некој начин слаб народ, неединствен и неподготвен, како колективен ум и енергија, да се спротивстави на разградувањето и преземањето на државата.
И потоа се случи 2001 г.! Наместо целосно воено да ги уништи терористите, како што прават сите држави во светот, тогашното државно раководство го потпиша и реализира т.н. Охридски рамковен договор – кулминацијата на понижувањето на Македонците и нивната држава, целосната релативизација на историските стремежи на Македонците по свое парче земја под ова небо на кое ќе бидат – свои! Наместо да го бомбардираат село Шипковица, каде што сите знаеја дека се командантите на терористите, тие со нив направија политичка коалиција(?!). Дозволија да бидат министри и државни функционери, кои се поклонуваат пред бистите на истите тие терористи.
И, амбисот беше целосно отворен, амбисот во кој Македонија веќе дваесет години с` подлабоко паѓа. Почна целосна деконструкција на институциите на државата со вработувањата по „рамковниот договор“, почна целосното деградирање на процедурите, системите и правната држава (дискриминирачкиот принцип на Бадентер). Што е уште пострашно, почна целосното руинирање на македонската национална свест, имплементацијата на планот за (само)уништување на македонскиот народ. Од медиумско, преку институционално, до секојдневно разградување на нишките што ја формираат колективната самосвест на Македонците.
И овие тенденции секојдневно се дисперзираат, се максимализираат. Kако и порано, преку - во овој контекст за среќа прекинатиот - попис (тотално нелегален и насилен, како што кажаа претседателките на ДПK, кои доблесно дадоа оставки), со фотокопии од документи, се обидоа да ги опфатат во пописните формулари и припадниците на албанското малцинство што со децении живеат во странство и да ги прикажат како жители. Според новата бројка од пописот, да речеме 40 проценти, ќе бараа, и веднаш ќе добиеја нови вработувања, насекаде. На десет вработени, на пример во полицијата, 4 ќе бидат Албанци, 5 Македонци. Ќе се изменат буквално сите закони во насока на добивање а 40 проценти од с` – од државен буџет, преку вработени, до целосна двојазичност (што значи дека Македонците ќе мора да учат албански јазик). Најавата за реорганизација на Државниот завод за статистика според „етнички принцип“ покажува дека не се откажале од оваа намера. Барањата за кантонизација, федерализација, алкома, илирида, Балкански БЕНЕЛУKС, итн. всушност, се само преодна форма.
И збогум ,Македонија, како единствена држава на македонскиот народ! Македонците – слаби, уплашени, максимално разделени и неединствени дури и за најсветите национални интереси, ќе бидат малцинство. А како некои припадници на албанското малцинство односно политички претставници практикуваат демократија, добро знаеме - од раселените во Арачиново и Матејче (и ден-денес тие се бегалци во својата држава!), преку тепањето деца низ училиштата во Струга, а неодамна и во Скопје, до насилно градење џамии и рушење цркви (Горна Белица и Скопското кале се поучни примери) и недавањето вода (случајот Патишка Река). Со т.н. денационализација ќе ја земат, легално, откако ќе ги преземат институциите на системот, сета земја од Македонците - бидејќи овде имаше 5 века ропство под исламот. Трендот на иселување на Македонците ќе се интензивира, а оние што ќе останат, на своја кожа ќе доживеат како некои практикуваат „демократија“.
И, има ли, можеби, начини преку кои оваа, според фактите и научните модели на анализа и предвидување сосема реалистична перспектива за десетина години во Македонија, односно прецизен поглед во иднината на ова парче земја – судбината на Македонија и на Македонците, би можела да биде, сепак, поинаква? За жал, реално, нема. Веќе е предоцна за промена на сите елементи што еден ден ќе резултираат со трета албанска држава на Балканот. За такво нешто се потребни радикални дисконтинуитети во свеста на Македонците и нивните политички партии, а тоа е долготраен и макотрпен процес. Просто, веќе нема време за тоа. Сепак, ако пронајдат атавистичка сила, нова колективна енергија, Македонците најпрво треба да формираат консензус за излезните решенија. Тие би можеле да бидат, на пример – давање државјанство по род на сите генерации Македонци во светот и нивно попишување (тогаш ние Македонците би биле над 95 проценти во Македонија) односно физичко враќање на иселениците Македонци, етапно легално поништување на „рамковниот договор“ (со аргумент дека е донесен под воена закана од терористи односно дека никој никогаш според тогашниот Устав не може да потпише капитулација), и стратегиски сојуз со Србија, Русија, можеби и Бугарија, а особено воено-полициски договор за заедничка (и внатрешна и надворешна) одбранбена политика. Тоа е единствениот спас за Македонија како единствена национална држава на македонскиот народ.
Тони Науновски
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=CF8AEF8D295CA841A3A0A10CE5653EDD