http://www.plusinfo.mk/mislenje/415/Intervju-so-Ljubcho-Georgievski-poraneshen-premier-VLADATA-VODI-GRUBA-I-GLUPAVA-NACIONALISTIChKA-POLITIKA Интервју со Љубчо Георгиевски, поранешен премиер:ВЛАДАТА ВОДИ ГРУБА И ГЛУПАВА НАЦИОНАЛИСТИЧКА ПОЛИТИКА!
Љубчо Георгиевски
Прочитано: 616
пред 54 минути
Сподели со твоите пријатели!7
Останатo од Љубчо Георгиевски
1. По речиси едногодишна пауза, медијаторот Метју Нимиц во Њујорк ги собра преговарачите во македонско-грчкиот спор за името, Зоран Јолески и Адамантиос Васикалис, каде Нимиц по двете одделни средби најави посета на регионов. Кое е вашето гледиште - дали овој преговарачки стимул во рамки на деценискиот спор, од кој зависи интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската унија (ЕУ), може да означи пресвртна точка во процесот, особено во контекст на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг?
- Не е спорно дека со Грција сега тешко е да се разговара, во ситуација кога има експертска влада, и уште понеспорно е тоа што по следните избори преговорите дополнително ќе се усложнат ако победи Андонис Самарас. Проблемот е во тоа што кога во Грција имаше „помеки“ влади, како оваа последната на Јоргос Папандреу, нашата страна не направи никаков посебен напор да влезе во решавање на проблемот.
Значи, не е спорно дека Грција купува време, спорно е што од македонска страна, како владата така и претседателот на државата, купуваат време, и како што можам да видам, имаат намера цел овој мандат така да го истераат. Целиот проблем што основните државни функционери како да не сакаат да сфатат дека земјава е таа од чии рамки треба да произлегуваат иницијативите, затоа што кога меѓународната заедница ги даваше иницијативите, ние се правевме дека не го разбираме проблемот. Затоа, начинот на кој владата и претседателот се однесуваат кон ова прашање е тотално неодговорен, бидејќи се интересираат само за сопствениот мандат, а по тој мандат, всушност, земјава ќе биде во потешка состојба отколку претходно.
2. Ако можеме да разбереме зошто Грција купува време во однос на ова прашање - финансиска криза, социјални немири, предизборен период, а на крајот на краиштата, ништо не губат со статус-кво состојбата околу процесот на преговори за името, тогаш зошто Македонија купува време? Што добива, а што губи со тоа?
- Едноставно, луѓето што треба да го затворат спорот не се на потребното ниво на лична одговорност. Едноставно, тие сметаат дека треба да си ги завршат мандатите без нивното име да остане нечисто за историја. Притоа, само дополнително го компликуваат процесот, со тоа што името го ставаат како адут во предизборните кампањи и програми, па така настанаа херои и предавници. Така што, јас сум песимист дека ова државно раководство ќе го реши проблемот. За жал, тоа го има прочитано и меѓународната заедница и ние сега сме оставени да возиме во лер. Пораката до нас е многу јасна, прецизна, сурова, а таа гласи дека државава мора да направи компромис и тој што не го сфатил тоа, не треба да се занимава со политика.
3. Дали евентуален расплет на оваа ситуација е во „наметнато решение“, како што впрочем се затворија речиси сите „големи прашања“ на Балканот?
- Наметнато решение во овој случај може да има само ако двете страни се договорат некаква арбитража да пресече. Меѓународната заедница можеби ќе ја прифати таа улога, но тоа треба да го дозволат страните во спорот. Сепак, ние практично сме изолирана држава, не само затоа што немаме чести средби на високо ниво, туку поради тоа што не сме во меѓународните организации, додека сите наши соседи се таму. Мислам дека битните држави од ЕУ воопшто не ги интересира дали Македонија ќе влезе во Унијата, дури мислам дека посилно е лобито кое е незаинтересирано да се занимава со „македонското прашање“. Што се однесува до САД, пак, се уште е сериозно заинтересирана Македонија да влезе во НАТО, но до одредено ниво, без да си ги нарушува односите со Грција. Впрочем, имаме две јасни позиции, и од НАТО и од ЕУ дека Македонија мора да направи компромис.
ГРУЕВСКИ ЈА ГУБИ КОНЦЕНТРАЦИЈАТА
4. Кога веќе го споменавте усогласениот став на НАТО и на ЕУ, премиерот Никола Груевски во неодамнешно интервју го поистоветува со ставот на Грција, од каде се повлекува паралела дека ако Грците се против нас, исто така и НАТО и ЕУ се против нас. Во однос на тоа, дали имате чувство дека Груевски дефинитивно му објави војна на светот, условно кажано, откако веќе се конфронтираше со еврокомесарот Штефан Филе?
- Жалам што попушта концентрацијата на државната структура на Македонија, посебно на премиерот, што се гледа од речникот кон дел од меѓународната заедница. Ние досега сме можеле да извлечеме поуки од времето кога состојбата во Македонија беше посложена и тогаш се покажа дека таквиот речник кон Западот не функционира. Такви примери имаме барем уште петнаесетина, кои се актуелни или беа актуелни минатите години, кои докажаа дека тоа само ја заострува политиката кон земјава. Со таков речник ништо не може да промените, туку може само да предизвикате иритација.
Оттаму, се додека со детски игри заобиколуваме да влеземе во сериозни разговори за компромис, ќе добиваме шлаканици „од надвор“. Кога јас бев премиер, ние немавме притисок дека треба трајно да го смениме името, за да влеземе во НАТО и ЕУ, туку тоа можевме да го направиме под привремената референца. Затоа, морам да напомнам дека 99 отсто од вината што грчката страна го смени ставот дека Македонија не може под ФИРОМ да се интегрира е кај оваа влада, со промена на имињата на аеродромот, стадионот... Не ми личи дека за ова е криво интервјуто на Бранко Црвенковски во Катимерини.
5. Покрај спорот за името, ЕУ преку Европската комисија забележа на многу области како пречки на патот кон Европа, меѓу кои администрацијата, судството, медиумите, демократија...
- Факт е дека одредени проблеми со судството се влечат одамна, меѓутоа што се однесува на другиот дел од демократијата - состојби во медиумите, на планот на човекови права, пресметка со опозицијата, говори дека очигледно вистинските принципи на демократијата не се многу својствени за актуелната влада.
6. Ја испуштате администрацијата, која несомнено е гласачка база на секои избори.
- Да, начинот на кој се вршат вработувањата е тој. Нема да ме изненади доколку оценките во овие области се повеќе се влошуваат од извештај до извештај, па и да се реши името, излезат некои други проблеми, кои сами ќе ги создадеме. Секако, во последните две години демократската слика на Македонија е доста нарушена.
ПОВЕЌЕ ГЛАСАЧИ, ОТКОЛКУ ГРАЃАНИ?!
7. Имено, Вие прв ја исфрливте во јавност тезата дека пописот пропадна за да не излезе на виделина дека избирачкиот список е фиктивен и неверодостоен. Може ли подетално да го образложите тоа?
- Ова здружување на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ едногласно да го откажат пописот ме наведува на тоа дека двете партии се уплашиле од тоа што го виделе во бројките. Ние имаме милион и осумстотини илјади гласачи на два милиони и стотина илјади граѓани. Самото тоа е нелогично и несразмерно. Ако на тоа го додадете новиот попис, без сомнение ќе се покажеше дека избирачките списоци се неточни. Во прилог на тоа ако го додадете процентот на гласање, ќе испадне дека на изборите имало повеќе гласачи отколку реално народ. Тоа значи дека на изборите масовно се полнеле кутиите.
Тоа е едната димензија, а втората димензија околу пописот е тоа што македонската страна ќе требаше да си го признае поразот на националната политика, што посебно ќе се видеше кај Македонците-муслимани. Јас можам да ви гарантирам, без никаква изворна информација, дека од оние 50-60 илјади Македонци-муслимани, кои се попишуваа, денеска ако има само 10 илјади што се попишуваат како Македонци ние треба да бидеме среќни. А тоа е резултат на оваа груба агресивна и глупава национална политика која ја води оваа влада. Една структура која беше дел од нашиот народ, со оваа политика ги направивме Албанци и Турци. Јас сум убеден дека бројката на Албанците се движи кон 30 проценти и ако е така, треба тоа да го знаеме, а не да живееме во илузија.
8. Своевремено важевте за најголем поборник на лустрацијата, која ќе се одвива топло-ладно. По случаите со Трендафил Ивановски и професорот Владимир Милчин, последни на лустрациски тапет беа Ѓунер Исмаил и Љубомир Фрчкоски, но во последен момент спасија жива глава. Според вас, дали овој процес ја загуби својата смисла и основна фунцкија?
- Се уште сметам дека треба лустрација во Македонија, но се забележува црно-бело лустрирање. До денес не го видов она што посебно ме интересира. Мене не ме интересира кој во СДСМ бил кодош, туку во ВМРО-ДПМНЕ. Значи, некој тие ги заштитува. Тие луѓе сега ќе бидат полесни за контрола.
9. Во последно време, пак, се залагате за посилно буџетско финансирање на политичките партии, испровоцирани од апсењето на вашиот поранешен сопартиец, Љубе Бошкоски, кој според пресудата, нелегално примил 150.000 евра за финансирање на кампањата. Сметате дека дека тоа ќе ги затвори корупциските канали при партиското финансирање?
- После Хаг, јас односите со Бошкоски ги заладив. Ако ме прашате мене, тоа не е човек кој го красат особени морални и етички способности, но независно од тоа, јас на ниеден политички противник не му ја посакувам неговата казна, пред се од принципиелни причини. Ако сите политичари работеле со кеш, а вие само еден затворате, тоа е лицемерно. Еве, ќе ви дадам само еден пример - земете ги пријавените пари на партиите што легално се потрошени и земете ги само автобусите за време на митинзите во кампањата. Тогаш, ќе видете дека со легалните пари само автобусите не можат да се платат, што значи дека некој останатите трошоци ги покрива со кеш. И тоа е норма во македонскиот политички живот, која произлегува од финансирањето на партиите во буџетот. Затоа, јас се залагам и три пати да се заострат казните за финансирање со кеш на политичките партии, ама мораме да сфатиме дека дефинитивно партиите треба соодветно да се финансираат од буџетот. Вака, тоа финансирање е минимално и партиите се оставени на други извори. Штом партијата бара донација од бизнисот, дури и нека е легална, таа партија е врзана за тој бизнисмен.
Според мене, буџетската ставка за финансирање на партиите не треба да биде помала од 5 милиони евра, која ќе се подели во одредени критериуми - број на пратеници, градоначалници, советници... Помалите партии можат да поминат со 150 илјади евра, но големите партии без милионче не можат да направат добра кампања.
ПОБЛИСКУ СМЕ ДО СДСМ, ОТКОЛКУ ДО ВМРО-ДПМНЕ
10. Во јавноста некако постои впечаток дека поактивен сте вие со вашите изјави и интервјуа, отколку ВМРО-Народна партија, чиј почесен претседател сте вие. Оваа партија по изборите на петти јуни се врзуваше со неколку коалициски опции, меѓу кои трет блок, со Достоинство и ОМ, како и левичарско-десна коалиција, како што сами најавивте со СДСМ. Со кој од овие пакети сте најблизу?
- Во овој момент, ВМРО - НП се труди да има една сопствена независна идеологија. Јас повторно велам дека жалам што во овој момент СДСМ ни изгледа поблизу идеолошки отколку ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, ние не престанавме никогаш да не бидеме предмет на обработка од страна на ДПМНЕ, преку перманентно купување на структури внатре во НП. И во овој момент повторно можам да насетам едно такво купување на одредена структура во партијата, со цел да ја умртви и неутрализира од политичката сцена. Но, тоа е некаква внатрешна состојба, за која ќе решаваме со текот на времето. Очигледно дека некој партијата ја гледа како бизнис процес, односно сака да направи само добар пазар со ДПМНЕ.
11. Мислите на општа појава или на конкретни личности?
- На конкретни личности. Во наредниот месец-два ќе ги дознае македонската јавност. Сами од себе ќе се појават.
12. Ако е така, ВМРО-ДПМНЕ се уште е пресилен противник за опозицијата. Верувате ли дека набрзо може да дојде до промена на власта, дури и под претпоставка дека опозицијата ќе се обедини? Инаку, за таа цел се споменуваат парламентарна обработка контра ДПМНЕ, улична револуција...
- Времето на револуции заврши. Во арапскиот свет видовме дека револуциите носат само несреќи, па дури новата власт може да биде полоша од претходната. Плус, револуцијата во Македонија замирисува на меѓуетничка нестабилност, па затоа јас повеќе сакам да разговарам за нормални демократски промени. По 20 години демократија, мислам дека Македонија треба да биде подготвена за тоа. Јас со несимпатии гледам на оваа југословенизирање на македонскиот народ, но мислам дека промените треба да ги направиме на демократски начин.