Лани помалку од 50 отсто од живородените биле МакедонциМинатата година, првпат откако постои Македонија, бројот на живородени етнички Македонци е под 50 отсто од вкупниот број родени деца во државава, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Експертите велат дека, согледувајќи ги состојбите според етнички карактеристики на живородени деца, во подолг временски период бројот на живородени деца кај македонската, српската и кај влашката популација се намалува, а кај албанската, ромската и кај турската се зголемува.
Официјалните податоци, пак, велат дека расте негативниот природен прираст кај Македонците последниве десетина години, односно секоја година се раѓаат помалку отколку што умираат.
Македонките раѓаат помалку
Експертите потврдуваат дека бројот на живородени деца во изминат подолг временски период со децении се намалува на ниво на држава. Поранешниот директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски, вели дека во анализиран период од десет години или во периодот од 2004 до 2013 година бројот на живородени деца се намалува од година на година.
- Во 2004 година тој изнесувал 23.361, а во 2013 година според првите резултати е 23.227 или за 134 живородени деца помалку. За разлика од бројот на живородени деца во наведениот период, бројот на умрените лица или морталитетот бележи зголемување. Така бројот на умрени лица е зголемен од 17.944 во 2004 година на 19.193 во 2013 година или починати се 1.249 лица повеќе. Ако сето тоа се види од аспект колку изнесува разликата меѓу бројот на живородени и умрени лица или каков е наталитетот, а каков морталитетот, може да се констатира дека според овие показатели, природниот прираст на населението е намален за 1.383 лица - вели Герасимовски.
Според него, согледувајќи ги состојбите според етничките карактеристики, показателите се доста интересни.
- Во подолг временски период бројот на живородени деца кај македонската, српската и кај влашката популација се намалува, а се зголемува кај албанската, ромската и кај турската. Од друга страна, во однос на умрените лица, бројот се зголемува кај македонското население. Бројката, пак, на починати лица кај другите етнички заедници е помал. Kако резултат на тоа природниот прираст на населението по етнички карактеристики во серија на година кај македонското население е негативно, а кај албанското население е со позитивен прираст - вели Герасимовски.
Половина од општините со негативен прираст
Според професорот по статистика Славе Ристески, податокот дека изминатиов период се родени 27.000 деца од другите етнички заедници надвор од границите на државава е алармантен.
- Општо познато е дека Македонија последниве неколку децении има негативен природен прираст. Во одредени региони во земјава негативниот прираст е константен. Посебно во пелагонискиот и во вардарскиот. Многу повеќе лица умираат, а за сметка на тоа многу малку се раѓаат. Во овој момент може да каже дека во 42 општини или над 50 отсто од нив имаат негативен природен прираст. За разлика од нив, во скопскиот и во полошкиот регион состојбите се позитивни и тука е најголемиот прираст на населението - вели Ристески.
Според официјалните бројки од 2012 година, учеството на младото население до 14 години изнесува 17,1 отсто, а учеството на старото население над 65 години е 11,9 проценти. Според возраста на мајката, најголемо учество, односно 35,1 проценти се живородени деца од мајки на возраст 25-29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 28,1 години, а 26,3 години на првите раѓања. Со оглед на тоа дека најголемиот број од живородените деца - 88,4 отсто во 2012 година се родени во брак, може да се каже дека намалувањето на фертилитетот е резултат на одложувањето на стапувањето во брак во повозрасните години. Имено, бројот на склучените бракови во 2012 година во споредба со претходната година е намален за 5,1 отсто.
Природниот прираст со намалено темпо
На прашањето на „Дневник“ дали е точно дека лани првпат бројот на родени Македонци е под 50 отсто, од Државниот завод за статистика добивме одговор дека категоријата население е многу динамична и променлива.
- За да се следи големината, движењето и промените што настануваат и просторно и временски, потребно е следење повеќе компоненти. Промените во структурата на населението секогаш настануваат како резултат на директното влијание на природното (наталитет и морталитет) и механичкото (миграции) движење на населението. Благодарение на с` уште позитивниот природен прираст ја задржува позитивната насока на пораст, но со изразито намалено темпо, споредбено со една до две децении претходно - велат во Заводот.
Жените живеат подолго
Промените во старосната структура на населението имаат своја рефлексија врз бројот на умрените лица во државата. Бројот на умрените лица во 2012 година е зголемен за 3,4 проценти во однос на претходната година. Просечната возраст кај умрените од машки пол изнесува 70,3 години, односно 74,4 години кај лицата од женски пол или за 4,1 години повисока просечна возраст се бележи кај жените.
Најзастапени причини за смрт се: болестите на циркулаторниот систем, кои се јавуваат со 59,2 отсто од вкупно умрените, неоплазмите со 18,3 проценти, потоа следуваат починатите од ендокрини, нутритивни и од метаболистички болести со 4,2 отсто.
Живородени деца според етниЧката припадност на маЈката
Година 2009 2010 2011 2012 2013
Македонска 52,7 52,1 50,7 50,9 49,9
Албанска 31,5 32,5 33,9 34,1 35,2
Турска 4,6 4,4 4,6 4,6 4,8
Ромска 7,4 7,4 6,9 6,6 6,7
Влашка 0,1 0,1 0,1 0,2 0,1
Српска 0,5 0,4 0,5 0,5 0,5
Бошњачка 0,8 0,8 0,9 1,1 1,1
Друга и непознато 2,4 2,2 2,3 2,0 1,8
http://www.dnevnik.mk/?ItemID=EF3DED82EDC3C145B8E141AE84D618F4