Никој не смее да ни го негира идентитетот 
Република Македонија нема да пристапи кон менување на Уставот со цел промена на уставното име и нема да прифати какво било решение што го нарушува и повредува македонскиот национален и јазичен идентитет, порача денеска претседателот Ѓорге Иванов од свечената академија на Правниот факултет во Скопје по повод Меѓународниот ден на човековите права.
Иванов истакна дека Македонија нема да потклекне пред ниту еден притисок за да се откаже од правото на самоопределување и самоидентификација.
- Тоа е есенцијата на човековите права и животната сила на слободниот свет. Оттука нашата црвена линија во разговорите со Република Грција не произлегува од некаков национализам, каприциозност, демонстрација на сила или нерационални барања, туку од фундаменталните цивилизациски придобивки на човековата борба за слобода, рече македонскиот претседател.
Никој не смее да го негира идентитетот на македонскиот народ, рече Иванов и додаде дека нема да се дозволи некој да си поигрува со гордоста и достоинството на граѓаните на Република Македонија.
- Сите човекови права впишани во меѓународнио декларации и гарантирани од меѓународни организации се компроминирани ако некој го оспорува вашиот културен, јазичен и национален идентитет. Кодексот на човекови права ќе биде секогаш нецелосен ако не се остварува правото на слободно изразување на националниот и културниот идентитет. Правото да бидеш признат онака како што се чувствуваш и изјаснуваш. Луѓето можат да издржат многу тешкотии со исправена глава, но рушењето на нивното достоинство и гордост доаѓа тогаш кога не им го признавате она во што најдлабоко веруваат, кога се негира она што е најдлабоко чувство на луѓето и народите - нивниот идентитет, истакна шефот на државата.
Според него, признавањето и почитувањето на достоинството и правата произлегуваат од Универзалната декларација за ловекови права. - Признавањето на вроденото достоинство и еднаквите и неотуѓиви прави на сите членови на човештвото се темелите на слободата, правдата и мирот во светот, рече Иванов цитирајќи делови од Декларацијата.
Македонскиот претседател смета дека Македонија покажала оти ги почитува европските принципи и критериуми и се наоѓа на вистинскиот пат, за што, како што истакна, сведочи и препораката на ЕК за почнување преговори за членство во Унијата.
- Би сакал да им заблагодарам на ЕК, на комесарот Оли Рен, на Европскиот парламент, на Советот на Европската унија, на шведското претседателство, особено на министерот Карл Билт и на сите земји членки кои застанаа зад вистинските вредности на Унијата и го поддржаа ставот за одредување датум за отпочнување на преговорите за членствоо. Нивната поддршка докажа дека македонија не е осамена. Тие докажаа дека македонските граѓани имаат сојузници во нивната борба за право и правда, рече Иванов.
Тој најави дека таквата поддршка ја мотивира Македонија да остварува поинтензивна соработка со докажаните пријатели, но и да работи со силата на своите аргументи да ги убеди и оние кои се уште не се целосно убедени, како и да остане активно вклучена во процесот на изнаоѓање решение на проблемот што Грција го има со името.
На Свечената академија, меѓу другите, присуствуваа вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски, амбасадорот на САД во Македонија Филип Рикер, деканот на Правниот факултет Борче Давитковски, професори, студенти...
http://vest.com.mk/?ItemID=056118B895853F4094EFC2DAFF6DAD86