Потона истрагата за бродот „Илинден“
Благојче Петрески
Министерски оставки, експертизи, вакви или онакви, фотографирање на ужалени претседатели и меѓусоседско плукање на Македонија и Бугарија. Ова е единствениот епилог последниве три месеци по охридскиот бродолом во септември кога загинаа петнаесет бугарски туристи, а уште не се знае зошто потона бродот „Илинден“. Истрагата, која ја нареди охридската истражна судијка Весна Кичеец, се уште тапка во место. Професорите од Машинскиот факултет, божем, не можеле да се договорат за термин кога да ја направат последната експертиза. Очигледно, професорите немаат слух за угледот на државата и притисоците кои се вршат поради доцнењето на истрагата. Сајлата од бродот, пак, веќе две недели е во лабораториите на Машинскиот факултет, каде што треба да се вештачи, но уште нема кој да објасни до кога. Наспроти ова, во нашето источно соседство се разгоруваат страстите, од каде притискаат, понекогаш дури и на национална база, за што побрзо да се заврши истрагата. Се забошотува ли истрагата, се бега ли од одговорноста? Единствено досега обвинет, кој сега е во куќен притвор, а претходно два месеца беше во „обичен“, е младиот капетан Филевски. Па кај и да е, за кратко и куќниот притворот ќе истече, па судот ќе го пушти обвинетиот капетан да се брани од слобода, што е и легитимно. Од Охридската капетанија уште никој не почувствувал одговорност, ниту, пак, некој сака на душа да ги носи 15 странци. Сите чекаат истрагата да утврди вина, а таа, пак, никако да заврши. Директорот на капетанијата се правда тврдејќи дека нема да ја коментира истрагата, најверојатно за да си го заштити грбот. И единствениот кој почувствува „некаква си одговорност“, министерот Миле Јанакиески, на кого премиерот не му ја прифати оставката, не му текнува да изврши притисок да се забрза постапката. Иако само така може колку-толку да се оправда пред македонската јавност и бугарските колеги за неговата индиректна вина! Ама ни тоа не го прави. Чека ли некој да му каже? Трагедијата покажа дека постојат илјада слабости во охридската капетанија, дека нема никаква организација, дека во неа работат лаици. Не слушнавме дека Јанакиески се обиде да го промени барем тоа. По сите перипетии за бродоломот, се чини дека и истрагата како да потонува во тињата на нечија вина. А судот нема инструмент да ја забрза. Се се сведува на онаа народната „Вината газда нема“. Дали и во овој случај државните институции се сопнаа на уште една истрага во која се бара ефикасност, навременост и точност?