Алфа ТВ, 12.10.2009
Градот Охрид со спомен-обележје ќе ги памети жртвите на бродската несреќа на Охридското ЕзероЛокалната власт во Охрид целосно ја поддржува идејата за поставување спомен-плоча во знак на сеќавање на загинатите во трагичната несреќа при потонувањето на бродот „Илинден“, но смета дека не треба да се избрзува со таквите активности, односно со став оти таквата идеја треба прво добро да се обмисли.
- Мислам дека е премногу рано на 40 дена од бродската несреќа да се постави споменик за жртвите од немилиот настан и би било многу посоодветно тоа да се направи на одбележувањето на годишнината од потонувањето на бродот „Илинден“, истакна градоначалникот Алексадар Петрески на неофицијалната средба со претставници на Здружението на граѓани „5-ти Септември“.
На средбата на која присуствуваше и претставникот на Владата Андреј Лепавцов, беше разговарано и околу местото каде би била поставено спомен-одбележјето, што само по себе бара одредена процедура.
- Треба добро да се осмисли сето тоа, бидејќи несоодветно е да се постави споменикот на плажа или на пристаништето, како што имаше некои предлози. Можеби најдобро решение ќе биде спомен обележјето да се постави на пловак во езерото, но сето тоа треба да се осмисли добро, рече Петрески.
На средбата беше разговарано и за активности околу организација на поменот на жртвите на „Илинден“ што по повод 40 дена од трагедијата кај Елешец на 17 октомври ќе се одржи во катедралната црква „Св. Софија“. Притоа општинските власти најавија дека ќе обезбедат сместување за членовите на семејствата на загинатите бугарски туристи кои ќе допатуваат во Охрид, а своја помош понуди и Владата.
Бродот „Илинден“ на 5 септември потона во водите на Охридското Езеро, на околу 300 метри од брегот кај Авто-кампот „Елешец“. Притоа животот го загубија 15 туристи од соседна Бугарија. Набрзо по несреќата граѓани на Охрид самоиницијативно формираа здружение „5 септември“, со основна цел надминивање на последиците од несреќата - утврдување на причините за несреќата, фер судење на капетанот Сотир Филески, како и спречување на злоупотреба на трагедијата за политички цели.