Алфа ТВ, 08.09.2009
Каде е претставникот на “ Лојд“ кој гарантирал исправност на бродот?Наспроти барањето на бугарските истражители, бродот да се извади 24 часа по несреќата за да се направело детална експертиза врз него, “ Илинден“ пет дена по потонувањето се уште е под вода. Денешниот пладневен состанок на мешовитата комисија е одложен, капетанијата е под клуч.
Покрај лошите временски услови, со кои до вчера комисијата го бранеше одложувањето на зафатот, извори за Алфа потврдуваат дека 12-те члена околу ова не можат да се договорат. Хрватите притискале сплитска фирма да го извлекува бродот, на што дел од македонските но и бугарски експерти се спротивставиле. Сметаат дека 35 тонскиот брод кој на 6-те метри длабочина, буквално ѕирка на езерската површина може да се извади без да се ангажираат фирми од надвор кои тоа ќе го наплатат 500.000 долари.
Прашавме каде е сопственикот на германската фирма “ Лојд“ , кој ја гарантирал техничката исправност на “ Илинден“, на што Клечкароски ни изјави дека ќе дојдел, но оти бил во Тиват работел на некој многу голем брод, тоа било приоритет, не можел да ја остави работата таму. На наше инсистирање – кусо одговори дека низ годиниве капетанијата со еден ист човек работела кога требало да се изврши технички прием на бродот.
Добро упатени лица, изразија сомнеж токму околу сертификатот кој “ Илинден“ го имал добиено од германската фирма “Germanischer Lloyd“ за која капетанијата тврдеше дека била овластена од страна на владата на Република Македонија да врши технички надзор над бродовите и била меѓу трите најдобри во светот во оваа област. Извори за Алфа откриваат дека со години наназад како преставник на фирмата “ Лојд“ се јавувал извесен Баиќ, кој доаѓал сам во Охрид кога требало да се направи технички прием на бродовите. На документите, изминативе години фигурирал единствено неговиот потпис и на тогаш актуелните капетани. Потенцираат дека при технички прием на брод, објектот се вади на копно, се снима коритото, се проверува секој дел од бродот и тоа го прават инжинери и наутичари. Во ниту еден случај – вели нашиот извор не дошла екипа во полн состав. Оттука и сомнежите за фалсификати кој преставник на “ Лојд“ ги правел со двајцата последни капетани. Соговорникот на Алфа во интерес на разоткривање на вистината за причините на трагедијата, сугерира капетанијата да излезе со документи и да ја потврди техничката исправност на “ Илинден“ и другите бродови, а германската фирма да биде информирана за целиот случај.