Болни вистини
Еквидистанцаhttp://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=C46F2FDFC1F80A41B477C9139BB907FFПред неколку дена бев пријатно изненаден кога на една наша телевизија увото ми фати дијалози на бугарски јазик во една ТВ-серија. Покрај љубопитството што го предизвика, сепак не успеав да дознаам за која серија станува збор, колку епизоди има, која е темата, бидејќи навистина беше при крај, но и толку ми беше доволно за да го поздравам јавно, бидејќи, ако не ме лаже паметењето, станува збор за прва бугарска ТВ-серија која се емитува кај нас, а слично е и со емитувањето играни филмови од нашиот источен сосед. Дали може да се набројат 2-3 бугарски филма што стигнале до нашите мали и големи екрани за 2-3 последни децении!
За разлика од бугарските, бившојугословенските кинематографски и ТВ-дела на нашите екрани се присутни „на ангро“. Само една серија со Љубиша Самарџиќ („Полицаецот од Петлово Брдо“), и тоа се случува една иста епизода, за многу кратко време, да биде репризирана над десет пати! Ако грешам, нека ме исправат. Едно време имав впечаток како да ги снема, ама во последните години некако ни ја враќаат таа кинематографија. Од оние партизански епопеи на кои го градевме тогашниот социјалистички ју-патриотизам до урбаните приказни и комедии.
Народот вели дека крвта вода не бидува и кога ја опишувам ова ситуација, сепак гледам со оправдување во она што некогаш беше заедничка држава, и тие релации со тоа време не може да исчезнат поради многу причини. Таа носталгија кај луѓето за времето за кое с` уште сметаат дека „ни беше подобро“ и натаму живее кај постарите генерации. Но, бидејќи дваесет години градиме самостојна држава, редно е да се создадат нови релации, бидејќи уште на почетокот на самостојна Македонија, од првиот претседател беше промовирана еквидистанцата како државна стратегија во однос со сите соседи, макар тоа во практиката никогаш не може да биде „сосема“ исто кон сите.
Електронските медиуми, особено телевизијата, даваат многу можности за градење нови релации и отворање нови видици. Ги сакале или не, последните децении таа улога ја презедоа ТВ-сапуниците, кои сега ги нарекуваме теленовели. Едно време беа модерни американските неприкосновени серии од типот на „Династија“ и „Далас“, за потоа да ни се отвори нов прозорец со суперпопуларната „Касандра“ со што беше „освоена“ Латинска Америка, а латиноамериканските сапуници ни станаа секојдневје. Сега, по „Шехерзад“ и „Долина на волците“ се свртивме кон Турција од каде што сме поплавени со безброј популарни серии.
Овој вид производ, освен што нудат интересни приказни, иако шаблонизирани (едно време мислев дека ќе бидат поинакви од латиноамериканските, и поблиску до нашиот менталитет, но повеќето турски серии сепак се снимани по ист терк), секогаш имаат нешто ново, нешто посебно од земјата од која доаѓаат, и секако ја шират комуникацијата со други географски простори.
Токму затоа, би било добро нашите телевизии да не се ограничат само на латиноамерикански или турски хит-серии (секако покрај онаа бившојугословенска филмска или ТВ-продукција), туку да видат што имаат да понудат и другите земји. Особено значајно е да им се понудат на гледачите ТВ-дела и филмски остварувања и од другите соседни балкански простори. Од бившата држава, Србија и Хрватска некако ни се поприсутни од Словенија и Црна Гора, но ако гледаме во соседството никаде ги нема Албанија, Грција, Бугарија, а да не зборуваме за Романија, Унгарија...
Секако дека кога станува збор за некои соседи, постојат многу бариери, не само јазични, туку и политички или од друг карактер. Иако во голема мерка е навлезен грчкиот капитал кај нас, само една телевизија понуди некои телевизиски приказни, но недоволно за да станат популарни кај широката публика, иако тие не беа помалку квалитетни од други слични производи. Со Албанија ситуацијата е уште полоша, бидејќи досега и немаше што да се понуди од таму како производ за нашата публика. Тука се обиде да направи исчекор ТВ „Алсат“ со емитување на албански играни филмови со македонски превод. Колку толку, за запознавање со една филмска продукција чии дела не сме можеле порано да ги видиме поради затвореноста на Албанија и нарушените политички односи меѓу двете поранешни држави.
Но, специфичните проблеми со Бугарија, создадоа ситуација на неразумно отсуство не само на какви било ТВ-производи, туку и кинематографските дела да се емитуваат еднаш на две децении! Поради таквиот однос, на пример, имаме и чудна понуда и на кабелските оператори, барем што се однесува до скопските, да ни нудат само музички канали, а не и телевизии со посериозни содржини (информативни, документарни...). Навраќајќи се на изненадувањето од почетокот на овој текст околу емитување на бугарска серија, уште еднаш сакам да ја изразам заложбата за поголема отвореност кон сите соседни земји, да се ослободиме полека од ју-наследството, и да се однесуваме навистина „еквидистантно“ и на нашата поширока публика да ~ понудиме нови содржини кои секако ќе предизвикаат интерес. Но, секако, не треба да ги запоставиме заложбите да им понудиме и ние квалитетни содржини на нашите соседи, нешто што сме го докажале досега преку литературата, музиката, фолклорот...
Даут Даути