.......ПО ПОВОД НА СЛУЧАЈОТ РИЗИНСКИ , ДА СЕ ПОТСЕТИМЕ......Пишува: Илија МАКСИМОВСКИ
Кога Спаска Митрова и Војислав Савиќ од Гевгелија во 2006 г. склучиле брак, сигурно не планирале да се разведат по 6 месеци. Уште посигурно е дека не очекувале да станат центар на македонско-бугарските односи и судир на највисоко ниво. Според Законот за брак, при развод на бракот не се утврдува вина, туку неможност за заеднички живот, како и каде ќе живеат децата доколку се родиле. Случајот на Спаска Митрова и Војислав Савиќ ги има сите елементи на класично македонско семејство. Брза причина за брак, низок стандард, присутност на родители, проблеми во комуникација со околината.
Според Спаска, животот со Војислав бил оптоварен со пијанки, дрога, вонредни трошоци за живот, сомневање во причините за влегување во брак. Според Војислав, тој бил во рамките на стандардот на гевгелиска или македонска класика на млади луѓе кои треба да си го живеат животот. Но, додека Спаска забележува на наркоманските склоности на сопругот, на Војислав почнува да му пречи тоа што сопругата му е Бугарка. Како резултат, бракот се разведува, по што на сила стапуваат бирократите од полициските станици, судовите, центрите за социјална работа, адвокатите, бранителите за човекови права.
НАЛОЖЕНА НЕПОСРЕДНОСТ НА БИВШИТЕ СОПРУЖНИЦИ?!
- По разводот на бракот, Центарот за социјални работи од Гевгелија со Решение утврдува дека таткото има право на контакт со бебето кое е родено по покренувањето на бракоразводната парница, и тоа никаде на друго место туку во домот на родителите на поранешната сопруга каде што Спаска живее. Спаска покренува и барање до Центарот за социјални работи во Гевгелија за определување друга локација за да се избегнат непријатности, но Решението на Центарот останува на сила.
Од причини што мајката, која во меѓувреме се вработува, не можела да овозможи или организира средби на бебето со таткото, државниот обвинител покренува обвинителен акт за кривично дело одземање малолетник, што според Кривичниот законик на Р. Македонија се изедначува со неовозможување средба со поранешниот родител. Поради само една таква пропуштена средба, Спаска Митрова стасува до затворска казна од шест месеци, условно на една година. За истите дејства Спаска уште еднаш е осудена на затворска казна од осум месеци, условно на две години. Следи ново Решение од Центарот за социјална работа за нова локација за средби на детето со таткото во просториите на Центарот. Бидејќи се случило во уште еден наврат да не се реализира средбата, повторно следи ново обвинение и пресуда за нова казна затвор од нови три месеци затвор за мајката. Спаска Митрова во моментот на излегувањето на овој број на Форум во затворот Идризово ја издржува оваа казна затвор од три месеци.
Во постапката пред Обвинителството, Основниот суд Гевгелија, Центарот за социјална работа и полициската станица Гевгелија, се вклучуваат адвокати (Димче Спировски, Џаков Ристо), обвинители (Василка Садикова Ковачева, Катица Јанева), судии ( Маја Почкова-Аврамова, Иван Стаменов, Билјана Николова), нотари (Ѓорги Николов). Притоа, од една страна е Спаска Митрова, наспроти сите споменати адвокати, судии, обвинители, полицајци меѓу кои некој некому е сопруг, пријател, роднина, сват. Дури, судиката Маја Почкова-Аврамова ì е кума на Спаска Митрова, која сигурно кога ја крштевала Спаска ниту не помислила дека еден ден бебето кое го држи голо пред Господа, ќе го прати во Идризово.Спаска Митрова по сите судски предмети со помош Здружението на Бугарите во Македонија “Радко” ги има завршено постапките до Врховниот суд на Македонија, со што се исполнува условот за жалба пред Судот за човекови права во Стразбур. Случајно или не, во судските постапки процедурално се случувале повеќе грешки, а од страна на “Радко” кое има поддршка и од актуелната бугарска Влада преку бугарската дипломатија во Македонија, постапката ја воделе лица кои со правото и законите освен што немаат потребно образование, немаат никаква посериозна врска.
- Истовремено, преседан и за македонската, но и за меѓународната судска практика е и судскиот предмет според кој, поради тоа што Спаска Митрова поднела жалба против пресудата со која е осудена на казна затвор од 3 месеци, за навреда на судиите Иван Стаменов и Маја Почкова е осудена на казна затвор од 10 месеци и плаќање за претрпени психички болки - нематеријална штета во корист на судиите во износ од 33 илјади евра. Уште поголем преседан е што и судењето против Спаска Митрова се одвива и судиите тужители кои го добиле спорот работат во - Основниот суд Гевгелија!
МНОГУ ПОМАГАЧИ - СПАСКА ВО ИДРИЗОВО, ВОЈИСЛАВ БЕЗ РАБОТА, ДЕТЕТО НА УЛИЦА
Во следната фаза во случајот “Спаска Митрова” се вклучува Здружението на Бугарите во Македонија “Радко” од позиција дека не се работи за граѓански спор или форма на судски злоупотреби, туку за монтиран политички процес врз Спаска Митрова само од причини што таа е Бугарка и еден од основачите на “Радко”. Дури во целиот случај се појавуваат елементи на стари односи меѓу поединци во гевгелискиот суд, здружението “Радко”, полицијата и Обвинителството. Имајќи предвид дека Гевгелија и не е голем град, логично е луѓето да се познаваат, но во случајов не се работи за лични односи, туку за сериозни релации меѓу државни институции и раководства на граѓански здруженија како “Радко” кое од почетокот на својата работа го следат јавни афери и скандали. Останува отворено прашањето: кој го создаде скандал имиџот на “Радко”? Аспектот на случајот “Спаска Митрова”, дека станува збор за притисок на државните органи врз Митрова само поради тоа што е Бугарка, брзо ги оптовари македонско-бугарските односи до ниво на најавување официјално бугарско вето за влезот на Македонија во ЕУ.
Фактот дека случајот “Спаска Митрова” стигна до официјалното ниво на македонско-бугарските односи и официјалната американска и ЕУ-дипломатија преку амбасадорите Ерван Фуере и Филип Рикер, бара темелна анализа што, всушност, се случувало и дали Спаска Митрова, нејзиниот поранешен сопруг Војислав Савиќ и нивното бебе и не се свесни во која безмилосна машинерија биле вовлечени.
Во дел од документацијата за случајот “Спаска Митрова” се спомнуваат судии во Основниот суд Гевгелија кои учествувале во процеси за притворање и изрекување затворски казни со цел физички ликвидации, како и сериозни грешки во судската постапка, при што во Апелациониот суд Скопје е констатирана достава на две различни верзии на ист судски предмет кој се однесува токму на Спаска Митрова.