Божидар Димитров пак јава на гафот со тракиските бегалциhttp://www.utrinski.com.mk/?ItemID=AFD336A7B3A76E4BA645838CCEED8D56Контроверзниот бугарски министер без ресор, Божидар Димитров, не престанува да „блуе оган“ кон соседите откако минатата недела се прослави со барањето Турција да и' плати 20 милијарди евра отштета на Бугарија поради присилно раселени Бугари од Тракија пред еден век.
„Мојот гаф не предизвика материјална или финансиска штета за Бугарија“, изјави Димитров за агенцијата „Фокус“ и за да ја смири лавината реакции на бугарските политичари и медиуми, ладнокрвно констатира дека „во подобри односи сме со Турција отколку со Македонија“.
Зошто му била потребна оваа споредба на контроверзниот Димитров, не е многу јасно. Како што не можат да се објаснат многу од неговите небулози, но, дефинитивно станува јасно дека министерот неофицијално задолжен за бугарската дијаспора останува јастреб на бугарската политика спрема Македонија.
Прашање е дали бугарската влада и премиерот Бојко Борисов ќе се оградат од тоа, бидејќи без причина е спомената Македонија во контекст на бугарско-турското заладување на односите. Димитров, кој стои зад сите барања за обновување на гробовите на бугарските војници што загинале во Македонија во Првата светска војна, кој се гаѓа со висината на бројките на „обесправените Бугари“ во Македонија, кој на ниво на најголем скандал меѓу двете земји го крена прашањето на „Бугарката“ Спаска Митрова, досега не бил сериозно искаран од неговиот шеф Борисов за ставовите спрема Македонија.
Но, затоа Борисов му даде жолт картон за изјавата дека Софија ќе ја блокира евроинтеграцијата на Турција ако Анкара не плати милијарди евра отштета за протераните Бугари од времето на Отоманската Империја.
„Овие денови сум многу растроен од тоа што се случи. Тоа е многу сериозен гаф од моја страна. Можеби проблемот немаше да биде толку голем доколку на премиерот не му претстоеше посета на Турција“, изјави Димитров во емисијата „Сеизмограф“ на бугарската ТВ. Димитров е убеден дека проблемот со имотите на тракиските бегалци треба да биде еден од многуте услови за прием на Турција во ЕУ.
Како што пренесува агенцијата „Фокус“, прашањето останувало отворено и ќе се преговарало. „Имајте предвид дека ќе спечалат потомците на тракиските бегалци, но и турските семејства“, вели Димитров, според кој, по ова прашање турската и бугарската страна разговарале на 18 мај минатата година кога турската делегација наводно побарала да види со какви документи располага Бугарија. „Ангорскиот договор (од 1925 година) третира околу 36.000 семејства кои ги изгубиле имотите во Турција, но и 3.500 семејства кои ги оставиле имотите во Бугарија“ рекол Димитров, како што пренесува „Фокус“.
Костадин Карамитрев, од 1990 година до денес претседател на Сојузот на тракиските друштва во Бугарија, се сомнева дека Божидар Димитров е компетентен да расправа за проблемот. Тој „…е популист, значи неписмен и некомпетентен за темата, тој е човек, кој за да ја истакне сопствената личност на моменти, да извините, говори комплетни глупости“ вели во интервјуто за софиска „Дума“ Карамитрев.
Илијана Јотова, европратеник од редовите на бугарската Социјалистичка партија смета дека „Божидар Димитров создаде сериозен надворешно- политички проблем со необмислените изјави“. Таа рече дека за една седмица откако ќе почне со работа Европскиот парламент ќе знае „какви се реакциите таму“. Јотова, и покрај тоа што премиерот Борисов јавно го искара Димитров, сепак, се сомнева „дали е ова (изјавата на Димитров) самостојна и необмислена изјава или тоа било разгледувано и во владата.
Премиерот Бојко Борисов го укори својот министер. „Го предупредив господинот Божидар Димитров дека едноставно ќе се разминеме ако повторно се случи нешто слично“, изјави Борисов за приватната телевизија БТВ во средата.
„Кога обелоденувате такви работи без притоа премиерот, владата или парламентот да дискутирале за тоа, тогаш не го правите тоа како историчар или директор на музеј. Вие директно го вклучувате премиерот и креирате проблем“.
Изјавата на Божидар Димитров ја налути Анкара и турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу ја предупреди Софија да избегнува коментари што би можеле да ги нарушат односите меѓу соседните земји.