Уште еден доказ од официалните грчки кругови дека проблемот не е името на државата (или борба за „бренд“), туку идентитетот:
Netpress, 16.12.2009
ДНЕВНИК: Друцас: Гркот се раѓа и умира како МакедонецДруцас: Гркот се раѓа и умира како Македонец
Времето не е на страната на Македонија и затоа што побрзо треба да се најде решение за името, предупреди евроамбасадорот Ерван Фуере
Официјална Атина ја заострува реториката за спорот за името и го зацврстува ставот за прашањето за идентитетот.
- Македонскиот идентитет е дел од идентитетот на секој Грк. Со овој идентитет се раѓаме и умираме - изјави алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Димитрис Друцас, одговарајќи на прашањата на десничарот Јоргос Караџаферис за надворешната политика на Грција.
Друцас додава дека неговата партија пред грчкиот народ излегла со јасни позиции и не се плаши од одговорност.
- Мора да ја браниме националната црвена линија во однос на името, ерга омнес, бидејќи тоа е нашата сила во преговорите. Оваа позиција не' доведе до одлуката во Букурешт, а на меѓународната заедница и стави до знаење дека Грција оправдано се бори за своето историско и културно наследство - изјави Друцас.
Според него, Грција е подготвена на билатерални контакти со македонското раководство, но рамката на преговорите нема да се менува.
- Груевски ја има в раце иднината на својата земја. Тој може да стане лидерот што обезбедил европска иднина или да биде запаметен во историјата како човек што ја одвратил својата земја од евроинтеграцијата и ја турнал кон национализмот од балканското минато - порача Друцас.
Македонската влада доби пораки и од странските дипломати дека периодот од шест месеци е доволен низ интензивни преговори и со конструктивност од двете страни да се најде решение за името и дека нема маневарски простор за одолжување на спорот.
- Времето не е на страната на Македонија и затоа што побрзо се најде решение за името, толку побргу ќе се отстрани загриженоста. За овој период ќе биде многу важно да се изгради широк консензус меѓу сите политички партии - изјави евроамбасадорот Ерван Фуере на вчерашната седница на националниот совет за евроинтеграции.
Вицепремиерот за евроинтеграција, Васко Наумовски, го пренесе ставот на Владата дека со ултиматум и уцени нема простор за преговарање.
- Уцените за целосно бришење на Македонија и на Македонците нема да дадат плод. Како народ сме биле под многу поголеми притисоци, закани и предизвици и не постои притисок што ќе не' натера да се одречеме од самите себе - рече Наумовски.
Претседателката на Советот, Радмила Шекеринска, повтори дека е важно е да се знае кои се плановите на Владата, како Македонија ќе се постави во наредните месеци и како Собранието и Националниот совет да помогнат во таа цел.
Според професор Димитар Мирчев, советник на шефот на државата, црните сценарија и прогнози дека Македонија ја очекуваат дестабилизација, меѓуетнички тензии и економски крах, не се остварија, ниту ќе се остварат.
Ни држава ни државјанство на листот за во Грција
Датум, име и презиме и број на пасош се единствените податоци што ќе треба да се внесат во листот за поминување на македонско-грчката граница, откако ќе стапи во сила безвизниот режим на 19 декември. На листовите нема да се пишува ниту името на државата ниту државјанството на граѓаните.
Листовите за влезно-излезни печати ќе се добиваат на граничните премини, а од денеска може да се земат и од грчката Канцеларија за врски во Скопје и од грчкиот конзулат во Битола, секој работен ден од 11 до 12 и од 14 до 15 часот, без да се покажува пасош. Од грчката Канцеларија препорачуваат листовите да се подигнуваат во Скопје и во Битола за да се избегне застој на граничните премини. Безвизниот режим важи само за граѓаните што поседуваат биометриски пасоши, а тие со стари пасоши ќе мора да имаат валидна виза.