Македонскиот национализам се "пумпа" во корист на Грција, или уште еден потврда за Меморандумот на БККС и доказ дека од ваквиот непопустлив тврд став на владата на Груевски, полза има само Грција:
Утрински весник, 11.12.2009
Македонскиот национализам се пумпа во корист на ГрцијаАлександра М. Митевска
Продолжување со реформите, засилување на внатрешните капацитети, еврореализам и консензус за спорот со името, предлагаат интелектуалците што вчера дебатираа за положбата на Македонија откако Европскиот совет ја одложи одлуката за датум за преговори со ЕУ. Иако беа едногласни дека на државава и' е неопходно единство, учесниците во дебатата што ја организираше институтот „Павел Шатев“ се поделија во ставовите за причините што го оневозможија напредокот на Македонија во евроатланскиот процес и за тоа што треба да се направи во наредниот период.
Поделбите во македонското општество, како што нагласи издавачот Никола Гелевски, дошле со сегашната власт, која внатре бара непријатели и предавници, користејќи се со методи на Милошевиќ. Во тој контекст, Гелевски посочи на антиквизацијата и на тепањето на студентите кои протестираа на плоштадот во Скопје.
„Со пумпање национализам се прекрива нашата немоќ во преговорите, а така најефикасно се уништува државата. Пумпањето на национализмот стопроцентно и' одговара на Грција. Идентитетската хистерија почнува кога се губи довербата во државата“, заклучи Гелевски.
Реплицираше аналитичарот Јован Донев, оценувајќи дека не се прекршува меѓудржавен договор поради една биста или улица, туку со цел да се оневозможи стабилизирање на Македонија.
Професорот Димитар Мирчев смета дека Македонија треба да го направи тоа што го правеше Словенија кога имаше проблеми со Италија и со Австрија - зајакнување на внатрешните структури и засилување на реформите.
„Сега треба да бидеме еврореалисти, а не евроскептици или еврофили. Грчката политика станува дел од заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, па треба да се запрашаме дали прашањето за името од ОН треба да го вратиме во Унијата“, рече Мирчев, посочувајќи дека максималистичките позиции на Грција се базирани на грчката идеја од 1844 година.
Донев, исто така, смета дека грчката политика кон македонската нација и држава е константа, така што во Брисел не се случило ништо ново. И тој вели дека Македонија мора да продолжи со реформите, без разлика кога ќе ги почне преговорите со ЕУ.
„Не е евроскептик оној што сака да ја види Македонија во ЕУ под уставно име. Наеднаш преку медиумите се прави нова поделба и се внесува конфузија, така што сме изложени на специјална војна“, оцени Донев.
Колумнистот Жарко Трајановски посочи дека стратегијата на Стојан Андов била добар поттик за консензус и дека сега на Македонија и' е потребно лидерство и аргументирана кампања во сите земји на ЕУ. Според него, Македонија не треба само да се жали дека и' се прекршени правата предвидени со Привремената спогодба, туку треба да ги реализира и обврските што произлегуваат од тој документ, како што, на пример, е неупотребата на симболот од Вергина.
Реагираше новинарот Александар Дамовски, потсетувајќи дека Македонија одамна го смени знамето.
„Што треба сега да направиме, да ги покриеме и симболите од Вергина во црквите?“, праша Дамовски, оценувајќи дека е навредливо што европретставникот Евран Фуере ниту еднаш не рекол Република Македонија или македонски народ. Според него, ако сите се согласуваат дека осумте точки на Грција се неприфатливи, тоа е знак дека се придвижуваме кон консензус.
И политикологот Владимир Божиновски повика на внатрешна кохезија и на поправање на впечатокот дека македонските позиции се поделени на промакедонски и прогрчки или проевропски и антиевропски.
Амбасадорот Ристо Никовски оцени дека на Македонија и' се прави голема неправда, а сите сме загрижени само за тоа што згрешила владата.
Според уметникот Александар Русјаков, меѓу Македонија и Западна Европа постои цивилизациски јаз, бидејќи ние сме живееле во 21, а тие во 19 век. Затоа, како што рече тој, Македонија би требала да преговара со Европа откако таа ќе се цивилизира и ќе почне да ги признава правата на жените или на верниците.
Професорот Бранислав Саркањац во воведот заклучи дека ништо драматично не се случило по 7 декември, бидејќи амбасадите не се затвориле, институциите нормално функционирале, а министерот за евроинтеграции работел со полна пареа. Тој рече дека со решението или со неговото одлагање се погазени универзалните принципи на достоинство, слобода и еднаквост и дека Европа се вратила во периодот пред Втората светска војна.