Бугарија се вклучи во проектот „Јужен тек“"Утрински Весник"
Софија - Русија и Бугарија ја потпишаа таканаречената „мапа на патот“ за изградба на бугарскиот дел од гасоводот „Јужен тек“, кој ќе ги спои Русија и Јужна Европа под Црно Море. Документот во бугарскиот град Варна го потпишаа министрите за енергетика на двете земји, Сергеј Шматко и Трајчо Трајков, во присуство на бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Бугарија долго време не можеше да се одлучи за учество во „Јужниот тек“ поради што Русија почна преговори за изградба на гасовод со Романија. По посетата на рускиот вицепремиер Виктор Зубков на Бугарија на почетокот на јули, двете страни се договорија да ја потпишат „мапата на патот“ за тој проект.
Со изградбата на гасоводот „Јужен тек“ Москва сака да ја диверсификува маршрутата за извоз на свој природен гас и да ги заобиколи транзитните земји, кои последните неколку години се покажаа како несигурни.
Од Бугарија гасот натаму ќе се превезува по копнени гасоводи, за што Русија веќе потпиша меѓудржавни договори со Србија, Унгарија, Грција, Словенија, Хрватска и со Австрија.