Шпиц, 28.05.2010
Најголемата консултантска куќа за недвижности влегува во регионот – преку Бугарија„Кашмен и Вејкфилд“ („КиВ“), најголемата приватна консултантска компанија од областа на недвижностите во светот, и „Фортон“, водечката консултантска компанија за недвижности во Бугарија, информираа за нов договор за стратешко партнерство, со кое бугарската компанија го доби правото да го користи глобалниот бренд на „КиВ“ на пазарите во Бугарија, Македонија, Србија и Косово.
Безмалку 50 отсто од бизнисот на „Кашмен и Вејкфилд“ во Европа, на Блискиот Исток и во Африка се реализира
преку стратешки партнери, што компанијата го смета како доказ за успешноста на таквиот бизнис- модел. „КиВ“ денес има 230 филијали во 58 земји и 15.000 вработени.
- Кога пред пет години влеговме во Бугарија, во заедничко партнерство со „Фортон“, имавме само некои претпоставки за потенцијалот на пазарот во овој регион. Но, со оглед на фактот што реализиравме зделки во износ од 200 милиони евра и извршивме консултации на десетици наши клиенти при нивниот влез во регионот, сега сме свесни дека поради кризата тука ќе продолжат да се реализираат некои од најинтересните инвестициски проекти во Европа - изјави Ричард Питерсон, шеф на програмата за партнерства на „КиВ“ за софиски „Стандарт“.
Засега „Фортон“, во соработка со „КиВ“ има работено на редица проекти на територијата на Бугарија, во вредност од повеќе стотици милиони евра, но со новиот договор партнерството е веќе поставено на повисоко ниво и „Фортон интернешнл“ во соработка со „КиВ“ ќе почне да работи и на стратешки поважни проекти и клиенти, регионално опслужување на големите инвеститори, кои често имаат свои проекти од областа на недвижностите во Македонија, Србија и Косово, проширувањето
на опфатот на консултантските услуги на лице место и поддршка на трајна основа на глобалните инвеститори, објаснува Сергеј Коинов, еден од управувачките партнери во „Фортон“.
Инаку, „Фортон“ минатата година откупи контролен пакет над 50 отсто од вредноста на македонската компанија „Алтитлан“, која се смета за една од најзначајните компании за деловни недвижности во земјава и како таква е призната и од страна на меѓународните инвеститори. Во моментов се врши ребрендирање на компанијата со име „Фортон Македонија“, а вредноста на зделката е деловна тајна. Инаку, Коинов за македонскиот пазар за недвижности го вели следново:
- Пазарот во Македонија е во фаза на развој. Големите проекти, кои веќе се спроведоа или кои во моментов се реализираат во Бугарија, во Македонија допрва претстојат - изјавува тој за бугарскиот дневен весник „Дневник“. Тој, понатаму, смета дека во Бугарија се одвиваат далеку повеќе инвестициски проекти во областа на недвижностите отколку во Србија, Македонија и Косово, како и дека бугарскиот пазар во оваа смисла е и најголем. Но, тој додава и дека пазарот за недвижности во Србија има значителен потенцијал и со тек на времето може да ја престигне Бугарија во однос на големите проекти.