Канал 5, 27 април 2011
Бугарскиот амбасадор се правдал во МНР: Не одобруваме медиумско покривање на настан организиран од нерегистрирана организацијаhttp://kanal5.com.mk/default.aspx?mId=37&egId=13&eventId=74426Рампата за македонските новинари кои беа спречени да известуваат од Мелник за годишнината на смртта на Сандански е поводот поради кој амбасадорот на Бугарија во земјава Раковски Лашев вчера бил на разговор во МНР.
Според соопштението од министерството, на бугарскиот амбасадор му било искажано негодување за начинот на кој официјалните претставници на Бугарија ги спречиле македонските новинари да си ја вршат својата работа.
На директорот на директоратот за Југоисточна Европа при МНР Дејан Костадинов Петров, Лашев му објаснил дека на екипите на Канал 5 и Дневник не им била дадена согласност да известуваат поради процедурите и краткиот рок, а за одбивањето на телевизија Сонце рекол дека според бугарските закони не можеле да дадат согласност за медиумско покривање на настан организиран од организација која не била регистрирана во Бугарија.
На средбата било укажано дека новинарите од двете земји во согласност со европските стандарди слободно треба да ја извршуваат својата дејност.
Лашев ја истакнал определбата на Бугарија за развивање добрососедски и пријателски односи и потребата од заедничко обележување историски настани и личности кои имаат посебно значење во историјата на двете земји.
На 17 април бугарските гранични служби ја вратија екипата на Дневник од преминот кај струмичко Ново Село и не и дозволија да известува од Семакедонската средба во Мелник што ја организираше ОМО Илинден Пирин.
- Откако ни ги земаа пасошите се вратија и ни дадоа да потпишеме документ во кој стои дека сме одбиени за влез затоа што не се знаело со каква цел патуваме за Бугарија. Побаравме објаснување од граничарите, зошто не смееме да влеземе во Бугарија, по што кратко ни одговорија дека не сме можеле да ги убедиме да не пуштат, рече Ивана Костовска новинар од Дневник на 17 април година.
Претходно Амбасадата на Бугарија во Скопје писмено го одби барањето на ТВ Сонце да присуствува на истиот настан без да наведе причини за одбивањето.
Неколку дена претходно, пак амбасадата усно го одби писменото барање и на Канал 5 телевизијата која побара да и се достават процедурите врз основа на кои нашата екипа може да влезе во Бугарија за снимање во Мелник.
Во обид да го расветли случајот, ЗНМ преку Асоцијацијата на европски новинари во Бугарија побара одговор од бугарското МНР, за одбивањето на ТВ Сонце, но оттаму по неколкудневен молк биле препратени во амбасадата во Скопје. /Е.И.