Триесетина македонски граѓани ќе евакуира Турција, а десеттемина што работеле за босанска компанија ќе ги извлекува Сараево
Тамара Грнчароска
Уште четириесетина македонски државјани се наоѓаат во неизвесност во Либија, откако вчера деветмина со лет организиран од Бугарија беа извлечени од арапската држава зафатена со граѓанска војна. Најголемата група од триесетина македонски граѓани се наоѓа на пристаништето во Бенгази, од каде што со турски бродови тие вчера во шест часот попладне требаше да тргнат кон Турција, за што Македонија добила потврда од турското Министерство за надворешни работи. По пристигнувањето во Турција, тие со автобус ќе бидат транспортирани во Македонија.
Десетина македонски граѓани, како што информираат од МНР, се наоѓаат во реонот на Триполи. Тие работеле за босанска градежна компанија и таму се наоѓаат со поголема група босански државјани. „За нивна евакуација од Либија е воспоставена координација со кризниот штаб во Сараево и се прават заеднички напори тие да бидат евакуирани, најверојатно, со лет до Сараево“, изјави портпаролот на МНР, Борче Стамов.
Македонија вчера преку својата амбасада во Софија и' се заблагодари на Бугарија за помошта за извлекување на македонските граѓани што работеле за хрватска градежна компанија во Либија.
Стамов вчера информираше дека МНР внимателно ги следи состојбата и развојот на настаните во Либија, и работи на брзо и безбедно враќање на македонските државјани што се затекнати во земјата. За таа цел Министерството формираше координативно тело за евакуација на македонските државјани, кое 24 часа е на располагање со давање на насоки, совети, информации и прибирање податоци за нашите граѓани што се наоѓаат во Либија. Координативното тело има воспоставено комуникација и соработка со кризните штабови од земјите во регионот и заеднички работат на евакуацијата на своите државјани од земјата зафатена со насилни протести и воени дејства.
www.utrinski.com.mk----------------------
Май са я пооправили, иначе почти навсякъде се премълчава кой е помогнал
