Нова Македонија, 22.07.2012
Националистот Груевски и космополитот Фулеhttp://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=72312935457&id=13&prilog=0&setIzdanie=22637Ние, пак, простодушните скопјани, мислевме дека националистичка реторика доаѓа од Брисел. Оти во неговиот скут е земјата што не признава други националности, а има поддршка за тоа и од шефот на Фуле, Жозе Мануел Баросо. Во архивите на ЕУ е Лисабонската декларација, која ни велеше дека нема воздух да земеме додека во нашето име стои зборот „Македонија“
Солзи радосници пропливаа најпрвин низ Скопје, а потоа, како порој, ја преплавија цела држава. Има и зошто: комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Фуле, нѐ пофалил. Сме биле многу умни и сме се вратиле на европскиот пат. Гледал човекот „обновена интенција кај Македонците за приближување кон ЕУ“. Види, види. Обновена интенција! Што значи некогаш ја имало, па била загубена, а сега се вратила.
Ха, типов што пред некоја година, како Чех, оставаше впечаток дека не ги разбира бриселските неправди кон нашата земја (па потоа го смени речникот), сега, се чини станал забавен. Оти, ако некој мислел дека Македонците имаат проблем со ЕУ затоа што таа ги брише од картата на народите, па поради тоа нешто се бунтуваат, ама од членството во ЕУ не отстапуваат, бил во заблуда. Напротив, во Брисел сѐ било во најдобар ред, ама непрокопсаните „скопјани“ сами ја напуштиле интенцијата за приближување кон ЕУ. Но, ете, голем е Господ, нели, па сега се вратиле на вистинскиот пат. И затоа, повторно можат слободно да пеат: другар Фуле, ние ти се колнеме, дека од твојот пат нема да се симнеме.
А не е само тоа. Фуле гледал и друго „менување на извесни работи“. Гледал дека „дел од националистичката реторика одново е заменета со агенда на ЕУ, што е добро“. И сѐ некако се мислиме која тоа националистичка реторика владеела во Македонија, на штета на агендата на ЕУ. Веројатно Фуле мисли на реториката што велеше дека Грците нѐ уценуваат, а дека Брисел и Вашингтон во тоа ги поддржуваат. Колку што ни е познато, во тој поглед ништо не се сменило. Впрочем, оној заменикот на Расмунсен пред некој ден си го прегриза јазикот среде Скопје кога за малку ќе изустеше „Македонија“, за самиот Фуле и натаму сме „БЈРМ“ и нам тоа сѐ уште не ни се допаѓа. Освен на оние неколку овдешни поданици на центри што на Фуле му се добро познати, тука и натаму не минува Република Северна Македонија, СДСМ сѐ уште нема шанси да се врати на власт, споменикот на Александар, колку што можеме да видиме, стои во центарот на Скопје, а некогашниот Градски стадион уште е „Филип Втори“. Да, тука се и автопатот, аеродромот и учебниците по историја во кои никаде не стои дека античкиот војсководец е Грк. Тогаш за која националистичка реторика зборува Фуле? Или, комесарот измислува тези, за да го оправда делумно сменетиот однос на Брисел кон Скопје, откако пропаднаа проектите за смена на власта на минатогодишните избори и откако пропаднаа револуциите од типот на онаа што се подготвуваше со медиумите на Велија Рамковски?
Ние, пак, простодушните скопјани, мислевме дека националистичка реторика доаѓа од Брисел. Оти во неговиот скут е земјата што не признава други националности, а има поддршка за тоа и од шефот на Фуле, Жозе Мануел Баросо. Во архивите на ЕУ е Лисабонската декларација, која ни велеше дека нема воздух да земеме додека во нашето име стои зборот „Македонија“. Таму некаде се и документите со кои, подло, онака, тивко и зад грб, постојано се бара начин да се избришат поимите „македонски народ“ и „македонски јазик“. Во нашите книги, па и во оние што му се достапни на Фуле, а понекоја последните години е преведена и кај нас, тоа е дефиниција за ригидна националистичка политика, која не признава ништо друго освен нетолеранција поддржана со сила и непочитување на човековите права. Оттука, прашањето до финиот господин од Брисел не е дали Македонија ја сменила својата националистичка политика, туку дали тоа го сториле структурите на ЕУ. Колку да немаме дилеми кога онака теоретски разговараме за демократијата и за нејзините опозити како системи врз чија основа може да се изгради една држава.
Некако во овој контекст на измешани тези се вклопи и бугарскиот претседател Росен Плевнелиев. Тој на 20 јули, денот кога според стариот календар почна Илинденското востание (за Бугарите тоа е Илинденско-преображенско востание), испрати писмо до Бугарскиот културен клуб во Скопје во кое, како што пренесуваат бугарските медиуми, го поздравил нивното чествување на востанието во Смилево и истакнал дека тоа е „врвна точка на националослободителното движење во Македонија и Одринско во кое Бугарите од најстрадалните краишта на татковината го восхитиле светот со својата непоколеблива борба за независност и слободен развој“.
Патем, од истата таа Бугарија секојдневно доаѓаат салви од реакции поради антибугарска кампања во Република Македонија. А, еве беља, во таа недемократска, националистичка Македонија со „фалсификувана“ историја (според грчко-бугарскиот миленик Љубчо Георгиевски) имало некој бугарски клуб што на 20 јули го чествувал востанието во Смилево. Истовремено, бугарските медиуми што ја обвинуваат Македонија се преполни со коментари за Македонија како земја на фиромци и слични злобни и сеирџиски подметнувања. И некако при тоа се губи нешто друго. Зошто истовремено нема писмо од Плевнелиев до Бугарите во Грција, кои во нејзиниот македонски дел исто така би требало да го чествуваат востанието? Многу историчари се согласуваат со податоците според кои костурската илинденска епопеја не е ни за сантиметар помалку славна од крушевската или смилевската. И бидејќи РМ е држава што ги малтретира и тероризира Бугарите, а Грција е демократска земја (како членка на ЕУ и не може да биде поинаква, зар не?), некако изгледа чудно што писмото на Плевнелиев е испратено до забранетите Бугари во Македонија, а не до слободните нивни браќа во Грција. Или, можеби, во таа братска за Бугарија земја што држи 51 отсто од, според бугарскиот став, бугарска Македонија, нема ни Бугари, нема ни Македонци, нема ни Илинденско востание, сеедно дали за ова пригода ќе му додадете дека е и преображенско или не. И пак нешто не е јасно: како тоа Република Македонија е држава кон која мноштво Бугари поради историски причини манифестираат омраза, а Грција некако им лежи при срце? Вклучувајќи го и нивниот претседател.
А можеби одговорот на ова прашање и не треба да се бара многу далеку. Плевнелиев едноставно не смее ни да помисли пред Грците да го спомене Илинденското востание како врв на „бугарскиот“ стремеж за слобода, иако одлуката за востанието била донесена токму во Солун. Оти, ризикува Грците и Европејците да му ги „запалат“ и образите и ушите. И затоа, како и во поранешните времиња, не му останува ништо друго освен да ја следи политиката на Тодор Живков. Затоа му е тука Република Македонија
Автор: Дарко Јаневски