Бугарски Културен Клуб

Ве молиме пријавете (login) или зачленете се (register).

Пријавете се со корисничко име, лозинка и должина на сесија
Напредно пребарување  

Новости:

Автор Тема: Невработеноста во Република Македонија  (Прочитано 4001 пати)

Илинден

  • Global Moderator
  • Full Member
  • *****
  • Отсутен Отсутен
  • Пораки: 226
  • СВОБОДА ИЛИ СМЪРТЪ ЗА МАКЕДОНИЯ!
    • Погледај го Профилот

Невработеноста во Република Македонија (1)


Македонскиот граѓанин изминатиот, речиси, дваесетгодишен транзициски период ќе го памети според бројните тектонски поместувања во сите сфери на општественото живеење. Станува збор за години во кои се афирмираа нови процеси и содржини во македонската историја, при што најзначаен секако е фактот што Македонија, со распаѓањето на поранешната југословенска федерација, стана самостојна држава. Истовремено, тоа се години исполнети со перманентни егзистенцијално-есенцијални транзициски шокови. Притоа, сосема сигурно, најжестокиот шок го доживеавме во сферата на пазарот на трудот. Континуираниот раст на стапката на невработеност, создавањето армија маргинализирани граѓани – животни аутсајдери, од една страна, е лична драма – трагедија на секој невработен, а од друга, претставува најрелевантен показател за долгорочните, крајно неповолни, економски и социјални состојби во нашата држава, односно недвосмислено укажува дека таа боледува од една од најтешките општествени болести, чии основни симптоми се: економска неефикасност, социјална несигурност на граѓаните и политичка неосетливост на власта за најтегобниот проблем со кој се соочува поголемиот дел од населението во Република Македонија, а тоа е неможноста со чесно работење да се обезбеди елементарна егзистенција, достоинствен и нормален живот.



Имено, високата стапка на невработеност, според низа релевантни индикатори: причините, обемот, трендовите, времетраењето, а особено крајно сложените последици и општоприфатената немоќ за нивно ублажување, ги оцртува хоризонтите на лимитираноста на македонската држава да обезбеди пристојни услови за живеење, односно ја покажува целокупната немоќ на политиката на сите досегашни влади да изградат економски систем што ефикасно ќе ги вклучи своите граѓани во неговото функционирање. Ваквата состојба, од друга страна, генерира дополнителни (најчесто тешко решливи) проблеми во функционирањето на целокупниот општествен систем, а со тоа тој станува дисфункционален и аномичен, што само по себе има далекусежни последици, и врз квалитетот на живеењето на граѓаните и врз опстојувањето и развојот на државата. Така, неискористеноста на човечките ресурси, односно човечкиот капитал на економско рамниште, директно влијае врз намалувањето на производството што, секако, условува остварување помал бруто-национален производ, во однос на потенцијалниот. Тоа резултира со економски загуби што тешко можат да се надоместат во подолг временски период. Невработеноста влијае и врз приходите во буџетот, бидејќи поради неостварените даноци и придонеси, што би ги плаќале вработените лица, приходите евидентно се пониски. Невработеноста, исто така, го оптоварува буџетот со зголемени расходи за социјални трансфери, неопходни за ублажување на животниот стандард токму на невработените.

Истовремено, зголемената невработеност, односно нејзините неповолни социјални импликации (пред се', зголемувањето на сиромаштијата, нееднаквоста и социјалната ексклузија), негативно се одразува и врз прифатеноста на реформите од страна на граѓаните. Така, невработеноста директно влијае врз намалувањето на средната класа, односно го забрзува процесот на поделба на граѓаните, на еден поголем дел кои, не можејќи да егзистираат од сопствениот труд, се' повеќе осиромашуваат и, еден мал дел - економската и политичката елита, кои за кратко време стекнаа големи богатства. Првите, кои се наоѓаат на маргините, незадоволни од сопствената улога во општеството, се' повеќе ја губат довербата во економските реформи втемелени врз постојната макроекономска политика. Без работа, осиромашени, препуштени сами на себе, се' помалку веруваат во новите вредносни ориентири на демократско-либералниот модел на економско и општествено живеење и се' почесто со носталгија се сеќаваат на егалитарните и традиционалните вредности, карактеристични за претходниот социјалистички општествен систем. Тоа влијае врз нивните ставови за прифаќање на промените, односно ги прави да бидат демотивирани и пасивни набљудувачи на она што се случува околу нив.

Истовремено, невработеноста, со влошувањето на животниот стандард на граѓаните, директно влијае и врз политичко-безбедносната состојба во државата. Таа дејствува како генератор на етничките, конфесионалните и политичките конфликти, изострувајќи ги различните политички и етички интереси на ниво на отворени и безобѕирни судири кои претставуваат перманентна закана за политичката стабилност во државата. Ваквите состојби во голема мера влијаат врз намалувањето на социјалната интеграција и кохезија на македонското општество.



Неможноста на македонскиот пазар на труд да ги апсорбира новозавршените млади високообразовани кадри води и кон таканаречената појава на одлив на мозоци, односно до се' поинтензивно нивно напуштање на државата и вработување во странство. Тоа има долгорочни негативни последици, затоа што Македонија останува без најквалитетната и најкреативна работна сила во која инвестирала и која со своите потенцијали и знаења и' е неопходна за излез од постојната сложена општествена ситуација. Невработеноста има силно влијание и врз функционирањето на бракот и семејството во Република Македонија. Младите невработени луѓе, поради лошата материјална состојба, се' поретко се решаваат да стапат во брак, што има свое влијание и врз демографската структура на населението. Дури и оние кои имаат формирано семејства, повторно поради лошите материјални услови, често, во секојдневниот живот имаат конфликти, кои не ретко завршуваат и со развод.

Во секој случај, евидентно е дека невработеноста не може да се посматра само како економски проблем, односно таа има многу пошироки општествени рефлексии. Статусот на вработен, покрај економската сигурност, овозможува бројни формални и неформални интеракции, влијае врз културниот и социјалниот идентитет на поединецот, ја стимулира неговата самопочит и му овозможува самоактуализација. Имено, невработените, незадоволни од својот живот, и поради лошата материјална положба и поради маргинализираниот социјален статус, во поголема мера од вработените се склони кон: депресии, анксиозност, демотивираност, губење самодоверба и самопочит, чувство на безнадежност и очај. Невработеноста, исто така, стимулира појава на различни облици социјална патологија, поаѓајќи од ситен криминал, алкохолизам, дрога, проституција, организиран криминал на ниво на мафија, убиства и самоубиства.



Имајќи ги предвид претходно потенцираните мошне сложени импликации од невработеноста во Република Македонија, сама по себе се наметнува потребата од темелна анализа на нејзините карактеристики, институции, политики, но и на можните мерки (реформи) за подобрување на состојбите. Основната цел на ваквата анализа (која ќе се обидеме да ја антиципираме во следните текстови) е да се актуализира проблемот, односно да се иницира дебата со која тој, конечно, без залажување и бегање од одговорноста, ќе биде промовиран во најприоритетен внатрешен проблем во нашата држава (што реално е), од чие решавање зависат и животниот стандард на граѓаните и успешното функционирање на македонското општество, со што би се создале теоретски претпоставки за дејствување на институциите на системот во правец на градење порадикални стратегии и политики од досегашните, ако не за негово целосно надминување, барем за подобрување на постојните, повеќе од алармантни, состојби.

Љупчо Печијарески, универзитетски професор

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=B45B1C46B18FFE4190E2D2C93775A428
Сочувана

Илинден

  • Global Moderator
  • Full Member
  • *****
  • Отсутен Отсутен
  • Пораки: 226
  • СВОБОДА ИЛИ СМЪРТЪ ЗА МАКЕДОНИЯ!
    • Погледај го Профилот
Одг: Невработеноста во Република Македонија
« Одговори #1 на: Април 10, 2009, 01:46:24 »

Македонија - земја на многу сиромашни и малку богати


(Макфакс) Поделбата на богати и сиромашни се должи на високата стапка на невработеност

Македонија во однос на животниот стандард се претвора во земја на богати и сиромашни, покажува најновото истражување. Најбогатите 20 отсто од населението во државата сочинуваат 42 отсто од вкупниот расположлив приход, додека најсиромашните 20 проценти имаат само 5 отсто од приходот.

Ова го покажа презентираниот извештај „Граѓански засновани анализи“ на Универзитетот на ЈИЕ и УНДП, подготвен од истражување во кое учествувале 3.000 испитаници од сите региони во Македонија.

Поделбата на богати и сиромашни се должи на високата стапка на невработеност, која е најизразена во североисточниот дел на Македонија. Токму невработеноста е најголемата причина за несреќа кај возрасната група над 55 години. Оваа возрасна група е особено ранлива во однос на долготрајната невработеност и на сиромаштијата поради ниското ниво на државните пензии.

Според извештајот, нискиот животен стандард е причина македонските граѓани да се чувствуваат најнесреќни во регионот во однос на квалитетот на животот. Причини за несреќата на луѓето се и ниската социјална вклученост и кохезија на одредени општествени групи.

Извештајот покажува и дека квалитетот на живеењето е поголем во урбаните подрачја, а особено во Скопје, споредбено со оние кои живеат во руралните области. Токму затоа урбаните подрачја се магнет за миграција на помладите и постручните луѓе од внатрешноста, оставајќи ја поранлива посиромашната популација во селата.

На локално ниво, главните проблеми на луѓето се бучавата, загадувањето на воздухот, и недостигот од пристап до зелени рекреативни површини.

Што се однесува до етничките групи, најголемо ниво на среќа има меѓу етничките Македонци. Сепак, тие имаат еднакво ниво на животно задоволство со етничките Албанци, додека ромската популација има значително пониско ниво на животно задоволство.

Во извештајот се проблематизира и квалитетот на образованието во земјата. Фактите говорат дека стапката на запишување во повисокото образование значително е покачена во последните години, но има сомнежи во врска со квалитетот на стекнатото образование, а се забележува и постојан недостаток на кадар во развиените вештини на пазарот на трудот.

Сепак, и покрај се', Македонците се оптимисти. Очекувањата за подобрување на квалитетот на живеењето се највисоки во североисточниот дел, во Полошкиот и во Вардарскиот регион, а најниски во југоисточниот и источниот дел на Македонија, покажа истражувањето „Граѓански засновани анализи“ на Универзитетот на ЈИЕ и УНДП.

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=41570AC13F91964DBD8B84458AFE9263
Сочувана