Бугарски Културен Клуб

Ве молиме пријавете (login) или зачленете се (register).

Пријавете се со корисничко име, лозинка и должина на сесија
Напредно пребарување  

Новости:

Автор Тема: „Дневник“: Албанците ги бојкотираа претседателските избори  (Прочитано 817 пати)

Илинден

  • Global Moderator
  • Full Member
  • *****
  • Отсутен Отсутен
  • Пораки: 226
  • СВОБОДА ИЛИ СМЪРТЪ ЗА МАКЕДОНИЯ!
    • Погледај го Профилот

Албанците ги бојкотираа претседателските избори
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=8A7C745926FAB245947A4995B9E0BD86


Одвај десетина ливчиња во кутијата за избор на претседател и стотици за градоначалник беше сликата што можеше да се види во Арачиново, Сарај, Кондово, Тетовско, Струшко, во гостиварските села...


Комплетен бојкот на претседателските избори во тетовското село Бродец

Само благодарение на повисокиот одѕив на гласачите во неколку градови беше исполнет потребниот цензус од 40 отсто за избор на шеф на државата. Најголем одѕив беше забележан во Делчево, Берово, Пехчево, Гевгелија, Дојран, Велес, Крушево..., каде што тој се движеше од 50 до 70 отсто. Наспроти ова, во општините населени главно со етнички Албанци одѕивот се мереше со неколку проценти. Дека етничките Албанци нема да гласаат за претседател на државата, туку само за градоначалниците, се виде уште во првите часови по отворањето на избирачките места.

Одвај десетина ливчиња во кутијата за избор на претседател и стотици во кутијата за градоначалник беше сликата што можеше да се види во Арачиново, Сарај, Кондово, Липково, Тетовско, Струшко, во гостиварските села... Објаснувањата на граѓаните зошто не гласаат беа различни - од тоа дека партиите не располагаат со нивните гласови, дека двајцата кандидати не се добри до тоа дека гласот би го дале само за кандидат-Албанец.

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ КУТИИ ОСТАНАА ПРАЗНИ

- Помина времето кога партиите, односно други, можеа да се договорат за нашите гласови. Сега им праќаме порака да се вразумат. Не е проблем што сите кандидати се Македонци, не ни пречи тоа, оти и така ќе бидат избрани од останатите жители на Македонија. Ама не заслужуваме меѓупартиски договарања - изјави Нусри Јакупи од скопско Кондово.Неколку негови сограѓани изјавија дека не гласаат бидејќи веќе си избрале свој градоначалник, а никој од кандидатите за претседател и за градоначалник на Скопје не ги посетил.

Полупразни кутии за избор на претседател и полни за градоначалник беа карактеристични и за тетовските села Порој, Џепчиште и Шипковица. Во Шипковица за градоначалник гласале триста гласачи, а само 40 за претседател, додека во Теарце 4.000 гласале за градоначалник, а 1.700 за претседател. Во тетовско Бродец во гласачката кутија за избор на претседател немаше ниедно ливче, а само 39 гласачи гласале за идниот градоначалник на Тетово, од 800 избирачи евидентирани во Единствениот избирачки список. Селим Велиу, гласач од Порој, ни изјави дека не гласал за претседател бидејќи немало добра понуда.

- Ако кандидат за претседател беше Албанец, ќе гласав за него - вели тој. Во Порој впечатливо беше дека партиски луѓе пред гласачкото место им сугерираа на граѓаните да гласаат само за градоначалник. Исто беше и во Џепчиште, каде што за претседател имаше само 10 гласачки ливчиња, а за градоначалник околу 200 ливчиња. Меѓу граѓаните имаше и такви кои сепак гласаа за претседател на државата.

- Гласав и за градоначалник и за претседател, за доброто на државата - рече Сафет Сељмани.Граѓаните не сакаа да коментираат дали со бојкотот на изборот за претседател се спротивставуваат на договорот меѓу лидерите Груевски и Ахмети.И во Арачиново беше евидентно дека Албанците не гласаат за претседател. Додека избирачките кутии за градоначалник на општината беа полни, тие за избор на шеф на државата беа речиси празни. Во скопската општина Чаир одѕивот на гласачите беше помал отколку во првиот круг на изборите. Жител на скопската општина Карпош кој сакаше да остане анонимен рече дека не сака да гласа зашта обајцата кандидати не му ги исполниле очекувањата.

- Ме разочараа со своите настапи - рече тој.

ДОГОВОР НА ХАРТИЈА

За слабиот одѕив за претседателските кандидати во Тетово и во селата се шпекулираше дека ДУИ издала директива до своето членство и симпатизерите да не гласаат за шеф на државата, наспроти договорот со ВМРО-ДПМНЕ. Во кабинетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера демантираа дека има таква наредба.

- Имаме договор за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, да го поддржиме нивниот кандидат да претседател Ѓорге Иванов. Шпекулација е и дека нема одѕив за претседател бидејќи Ахмети и премиерот Никола Груевски денеска се пазарат. Ние имаме договор што јавно го објавивме за меѓусебна соработка на локално и на претседателско ниво - велат во кабинетот на Ахмети. Лидерот на опозициската ДПА, Мендух Тачи, кој гласаше само за градоначалник на Тетово, изјави:
- Со половичен успех ги завршиме изборите. За жал, по изборите ќе се отворат тешките прашања како понатаму на патот кон НАТО и кон ЕУ. Владата ќе треба сериозно да направи нешто. Мое демократско право е да не гласам за претседател. Не ми се допаѓа ниту еден кандидат - рече Тачи.

Гласачите одбија партиски директиви

Експертите сметаат дека главната причина за бојкотот на албанските гласачи на претседателските избори е нетранспарентниот договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и незадоволството од начинот на кој функционира партијата на Ахмети откако влезе во Владата.

- Гласачите немаа јасна слика што ќе добијат ако го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Договорот, кој сега може да се нарече неуспешен, беше нетранспарентен, таен. Албанските гласачи испратија две пораки до ДУИ. Едната е дека не се гласачка машина и дека партијата не може да ги контролира, а другата е дека не се задоволни од начинот на кој ДУИ функционира во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ - вели Јетон Шасивари, политички аналитичар. Тој додава дека албанските гласачи имаат лошо искуство од договорите на Ахмети со Груевски.

- Прво има мартовски договор, па го нема. Потоа има договор за заеднички кандидат за претседател, па го нема. Сега имаше априлски „таен“ договор, кој тешко помина кај гласачите Албанци - вели Шасивари. Според аналитичарот Ибрахим Мехмети, „бојкотот“ на албанскиот електорат не е изненадување и бил очекуван.

- Обидот на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ да направат договор за поддршка беше површен. Не дејствуваше искрено и од двете страни. Сепак, албанските гласачи пратија порака дека со нив никој не може да манипулира и дека не ги следат партиските упатства - додава Мехмети.

Во Шутка приведени пет лица

Полицијата вчера привела пет лица во скопската општина Шуто Оризари откако се случила тепачка меѓу две групи партиски активисти на ромските партии чии кандидати се натпреваруваа за градоначалник. Инцидентот се случил околу 12 часот на раскрсницата од улиците Втора македонска бригада и Лазо Трповски, откако се судриле две возила. Во едната кола бил и Амди Бајрам, но тој на крајот не беше меѓу приведените.

На избирачкото место бр.1962 во Тетово се случил помал инцидент, по кој полицијата го привела на разговор Насер Вејсели, брат на Абдулади Вејсели од ДПА. Според МВР, претседателот на избирачкиот одбор пријавил дека Вејсели дошол на избирачкото место и почнал да се расправа со него, по што го удрил со шлаканица. Полицијата го привела Вејсели веднаш откако излегол од избирачкото место. Граѓанската асоцијација „Мост“ како почести проблеми забележа семејно гласање, агитирање пред гласачки места, јавно гласање, сликање на ливчиња со мобилни телефони и друго. Семејно гласање било забележано во Тетово, Струга, Боговиње. На неколку гласачки места било забележено гласање и без претходна проверка со УВ-ламби.
Сочувана