http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=1026101027466&id=9&prilog=0&setIzdanie=22116Бечев е „олеснувач“ на историјата Проф. Бечев наместо како „аутсајдер“ да даде „независно“ гледање на работите, се јавува како „мидлсајдер“, или поточно како „олеснувач“ во историјата
ИНТЕРВЈУ: Проф. д-р Тодор ЧепрегановПравејќи алузија на олеснувачите во преговарачкиот процес за името, проф. д-р Тодор Чепреганов, директор на Институтот за национална историја, во интервју за „Нова Македонија“ прецизно ги анализира одредниците на Речникот на историјата на Република Македонија од историчарот Димитар Бечев од Бугарија, промовиран минатата недела. Книгата на Бечев Чепреганов ја согледува во светлото на преговарачкиот процес за името, кој на Македонија и го оспорува историскиот континуитет и ја третира како Титова творба
Како ја оценувате реакцијата на јавноста на новопромовираниот речник на историјата на Македонија на бугарскиот историчар проф. д-р Бечев?
- Сигурно дека секое дело што ги промовира Македонија, Македонците и етничките заедници што живеат во Македонија треба да биде поздравено, а уште повеќе ако зад тоа стои реномирана странска издавачка куќа, уште повеќе и професор од престижниот Оксфордски универзитет. Тоа самото по себе значи дека сме побогати за уште еден пријател што нé презентира во светот. Ова го велам сосема искрено, имајќи предвид дека кај нас, за жал, речиси секогаш „аутсајдерите“ добивале повеќе доверба за тоа што ќе го напишат отколку „инсајдерите“, иако и едните и другите ја применуваат истата методологија на работа. Но речиси секогаш „инсајдерите“ се прогласуваат за „националисти“ или за „југоносталгичари“ и сл. Сигурно дека еден од нив сум и јас. И со ова писание може да ми бидат „налепени“ истите етикети, иако сметам дека историјата треба да биде разбрана како наука во која емоциите мора да се остават настрана и без политизирање да се изнесат пред јавноста сите факти и лични толкувања, без разлика дали тоа му се допаѓало некому или не.
Ги исполнува ли речникот на Бечев тие очекувања?
- Секој што би го зел во рака МИР (Македонски историски речник) би очекувал дека ќе наиде на податоци што не би требало да го остават читателот во недоумица. Се работи за дело од енциклопедиски карактер, во кое се дадени кратки одредници за настани, личности, населени места и поими, но делото од одредница во одредница остава сé поголем број дилеми. Ниту една одредница не е целосно дефинирана и без празнина. Се добива впечаток дека проф. Бечев наместо како „аутсајдер“ да даде „независно“ гледање на работите, се јавува како „мидлсајдер“, или поточно како „олеснувач“ во историјата. Она што ни го презентира во својот МИР е нешто што го остава во дилема секој што ќе го прочита, а тоа е прашањето дали постои и од кога македонска нација и дали она што постои како македонска нација е Титова творба, што недвосмислено произлегува од она што ќе го прочитате во МИР. Ова е само едно од основните прашања, кое виси како Дамоклов меч во целиот МИР. Основното прашање е зошто авторот остава многу отворени прашања речиси во секоја одредница, дури и не може да се избегне впечатокот дека основната поента во МИР е спорот со името што Грција го има со Република Македонија. Во голем број одредници се дебатира токму за името. На пример, во одредницата за Александар ИИИ Македонски има само четири реда за неговиот живот и дело, а десет за спорот со името. Случајно или не?!
Се работи за книга од 303 страници. Што би издвоиле како коментар на одредниците во неа?
- Не може колегата Бечев да не знае дека Македонија беше окупирана (само на едно место се зборува за окупација) од Бугарија, а не анектирана. Тој вокабулар е на бугарската историографија. А, од друга страна, постојано употребува „италијанска окупација“. Не може во одредницата за Мирче Ацев, а така е во сите што се однесуваат на НОВ, да зборува дека тој „организирал герилски единици“, а да не каже против кого и зошто. Стои дека Ацев е уапсен од „бугарската полиција“, а зошто е таа во Македонија не се кажува. За неговата смрт истакнува дека се „фрлил од прозорец на полицијата“. Прашањето е дали нормален човек без каква било причина би се фрлил. Не е јасно зошто колегата Бечев не каже дека Мирче Ацев е фрлен од прозорец од бугарска окупаторска полиција поради фактот што Ацев не предал ниту еден од своите соборци, а истата судбина ги снашла и Страшо Пинџур и Цветан Димов.
Велите дека сите одредници од НОВ се нецелосни. Зошто?
- За 11 октомври 1941 година во ниту една одредница нема да сретнете дека тоа е ден на востанието на македонскиот народ против бугарскиот окупатор. Кај сите оние лица што учествувале во организирањето на 11 октомври во МИР стои „на 11 октомври комунистите ја нападнале бугарската полициска станица во Прилеп“. Ниту збор дека со тоа почнува оружената борба на македонскиот народ против бугарскиот, германскиот, италијанскиот окупатор и колаборационистите.
Она што не би требало да биде дел од Историскиот речник на Република Македонија се историските неточности, конструкции и ставови (за жал, само за одредени македонски раководители во НОВ и по војната колегата Бечев има свој став), кои не одговараат на вистината. На пример, се кажува дека генералот Михаило Апостолски бил ослободен од заробеништво по интервенција на неговиот татко, а се избегнува да спомене дека сите Македонци заробени од Германците по нападот на Кралството Југославија, а по дозволата на Германците за окупирање на Македонија од Бугарија, се ослободени под претекст дека се „Бугари“.
Во однос на Методија Андонов Ченто се истакнува дека „по одржаниот говор во Прилеп, на кој повикал на отцепување на Македонија од Југославија, бил фатен и осуден“. Колегата Бечев на крајот наведува огромна библиографија, но би сакал да ми посочи каде го нашол овој факт. Но како научен работник би требало да го консултирал МИР издаден од Институтот за национална историја и немало да направи таква историска конструкција. Или објавениот зборник за Ченто од Институтот за национална историја.
За промоцијата на книгата на Бечев никој од историчарите, колку што ми е познато, не добил покана. Сепак, мислев дека се работи за дело што ги надминува веќе установените стереотипи за балканските соседи, уште повеќе што авторот е професор на престижен универзитет, каде што се учи дека вистината треба да биде пред сé. Но, за жал, не е така
Што Ве изненади во Речникот на Бечев?
- Изненадува фактот што во одредницата за Пиринска Македонија се скока цел еден период - Втората светска војна. Со ниту еден збор не се кажува дека таму Македонците уште во јуни 1941 година ги почнуваат оружените акции против силите на Тројниот пакт, па и против бугарските воени единици. Прашањето е зошто се избегнува тоа?
За активноста на Методија Шаторов-Шарло сé уште стои на ставот дека тој го „припоил“ ПК на КПЈ за Македонија кон БРП(к), а не дека го поврзал и дека бил против оружена борба. Како можел Шаторов да биде против оружена борба кога го исфрла првиот партизански одред во Македонија на 22 август 1941 година? Колегата Бечев ја цитира литературата во која тоа недвосмислено стои. Но не ми е познато поради кои причини политизира.
Велите речникот го скока периодот на Втората светска војна. Како е таа третирана?
- Во однос на Втората светска војна колегата Бечев истакнува дека во Македонија немало голем отпор „ниту од комунистите или десното крило“ (за десното крило не пишува на кого мисли, но сигурно мисли на членови на ВМРО на Ванчо Михајлов) „сé до есента на 1943“. Исто така тврди (за разлика од други одредници за кои нема свој став) дека „цивилните жртви на окупацијата, главно 7.148 Евреи, депортирани во логорот на смртта ‘Треблинка‘ во март 1943 година, како и словенските и албанските селани убиени во меѓуетнички судири во западните делови каде што партизаните се судриле со Бали Комбетар и други албански националистички групи...“. Прашањето што се наметнува е дали колегата Бечев не го познава добро периодот за кој пишува или прави смислена конструкција? Прво, НОВ во Македонија ја организираа македонските комунисти, како борба против силите на Тројниот пакт за формирање сопствена држава, за разлика од нив членовите на ВМРО сметаа дека со доаѓањето на Бугарите во Македонија е реализиран нивниот сон за обединување на Македонија со Бугарија.
Дали со наведувањето на бројките за Евреите, како жртви испратени во германските концентрациони логори од страна на бугарските окупатори, настојува да го намали придонесот на македонскиот народ во борбата против окупаторот!?
А уште повеќе да зборува дека најголем дел жртви се од меѓуетничкиот судир на „словенските и албанските селани“. Прашањето е кои се тие „словенски селани“? Да не смета случајно Бечев на флуидна словенска маса, која сé уште национално не е определена, според тезите на Цвијиќ!? А во тој период имате македонски партизани, македонски Главен штаб, кај кои веќе се наоѓаат и членови на британските воени мисии. Немам коментар за обидот да се конструира погрешна историска слика за она што се случувало во западна Македонија.
Како Бечев ги третира македонските историчари?
- Ги именува „македонски југословенски историчари“. По сé изгледа ставовите на „македонските југословенски историчари“ не му се допаѓаат, па си зема за слобода во рамките на „западната методологија и теорија“ да ги етикетира. За нив вели: „Македонските југословенски историчари ги обвиниле бугарските сили за голем број жртви, како масакрот на 16 цивили (податокот е погрешен, стрелани се 12 младинци б.м.) во селото Ваташа во јуни 1943 година. Спротивно, нивните бугарски колеги истакнуваат дека односите со локалното население биле далеку од непријателски и покрај растечкото разочарување од бугарската власт“.
Оставен сум без зборови. По сé изгледа дека амнезијата зафатила голем дел од бугарските научни работници, за нив би имал и некое оправдување, ама за Бечев со западно образование!? Наместо да се извини за сето она што бугарскиот окупатор го направи во текот на војната, тој тоа го става под прашалник. Сигурно му е познато дека заборавањето води кон повторување на истото. Сигурно ви се познати зборовите на Евреинот Ели Визел: „Да ги заборавиме нив значи да дозволиме тие да умрат повторно“. Поради тоа ќе го потсетам постојано да го прави тоа. Зашто, колега Бечев, во Ваташа не беа убиени цивили, беа убиени деца во цветот на својата младост. А тоа го направија никој друг туку војниците на генералот Апостолов. А, како што ме држи сеќавањето, тој беше бугарски генерал! Или се лажам!? Колега Бечев, направете катарза, ќе ви биде полесно. За жал, со ваквите конструкции европската јавност ќе биде лишена од вистината за она што Вашите окупатори го правеа во Македонија. Зошто немате одредница за Дабничкиот колеж, за бесењето на Васил Антевски Дрен, кој е обесен не затоа што, како што вие милувате да кажете бил „Словен“, тука затоа што пред бугарските судии се декларирал како Македонец и му беше забрането на судот да се брани на македонски јазик, па тоа го направил на француски. Земете ја книгата на Јован Павловски „Судењето како последен пораз“ и ќе видите што правеле бугарските „ослободители“ во Македонија.
И уште нешто. Нема бегање од историјата. Велите дека на 13 ноември „југословенските партизани, следени од бугарските армиски единици влегле во Скопје“. Почитуван Бечев, ако не сте знаеле, а знаете, но не сакате да напишете, Македонија ја ослободија македонските партизани, а бугарските окупаторски единици преку ноќ станаа повторно „ослободители“ (зар не е чудно само за три години двапати да ве ослободуваат истите војски) и благодарение на добрата волја на Јосип Броз Тито, со што Ви овозможи барем малку да се искупите за она што го направивте до 9 септември 1944 година. И вие настојувате, како и вашите бугарски колеги, да докажете дека бугарските единици учествувале во „ослободувањето на Скопје“. Но историската вистина е сосема друга.
Како го коментирате обидот за калкулирање со постоењето на Македонците во почетокот на 21 век?
- Формирањето на македонската нација не е ничиј проект. Ниту на Бугарија, ниту на Грција, ниту на Србија, а уште помалку на Тито. Процесот на градењето на македонската нација е истиот оној процес што го поминале сите балкански држави и нејзиниот континуитет не може да се спори. Може, само во вакви писанија, кои се далеку од историската вистина. Затоа Бечев во МИР се обидува да направи папазјанија со името Македонци. За него тие се „Словенски Македонци“, „Македонски Словени“, „Славо-Македонци“, „Словени“ ретко „етнички Македонци“, а најретко Македонци, она што сме. Зошто е тоа така си знае само тој? Што ви значи констатацијата дека таткото на Лазар Колишевски бил „Словен“!? Затоа Македонците за вас постојат, и тоа многу ретко само по 1950 година. Во однос на ова, не сакам да грешам душа, но ми личи нешто како интервенција во проблемот со името што го има Грција со Македонија. Да не тоа неговиот МИР послужи како олеснувач во целата оваа работа? За жал, задоцнил. Македонскиот идентитет е веќе затворено прашање.