НИКОЛА ГРУЕВСКИ И ЈОРГОС ПАПАНДРЕУ
“Непријателство” скроено во името на нивите заеднички интересиhttp://tribune-eu.com/?page=read_news&id=5388Општото лудило што овде во Македонија се креираше изминативе неколку недели, по “ексклузивното“ дознавање на грчката “црвена линија“, доби неверојатно “здрава“ грчка логистика, во која граѓаните, загубени во емотивните лавиринти меѓу разумноста и будалаштината, се и да сакаат неможат да ја препознаат димензијата, фундаментите, насоките на целата политичка шпекулативност. Грците го спорат идентитетот, а ние си го браниме со хистерично падавичарење, додека Груевски ја успокојува јавноста “зрачејќи“ со својата решителна смиреност дека се е под контрола. И се така, додека едно фино утро не дознаеме дека името е договорено, а идентитетот одбранет! Односно додека Грците, истовремено со нас, недознаат дека нивните политичари успеале, сепак, да ја добијат дипломатската војна – нивното “ерго омнес“. Сите, топтан, среќни и задоволни! Бездруго, за Грците Груевски е измислен, идеален противник, но во иста мера за Груевски, прво Караманлис а сега и Папандреу се дарови на “провидението“.
Патриотско-емотивната хистеријата, како актуелна состојба на транзициониот “дух“ на ова франкенштајновски склепано македонското општество, сепак, како што приметуваат она малку здраворазумни овдешни аналитичари, не успева да го замагли фактот дека таа, како и ниту еден друг процес што сме го преживувале, не се авотхотон резултат на општествените тенденции или прилики, ами “чистокрвен“ продукт на сериозната политичка манипулација, којашто, патем речено, е општо место во функционирањето на самостојна Македонија од деведесетите до ден денешен. За волја на вистината хистеријата е прилично реална, ама нејзината патриотско-европејско-цивилизациска подлошка е инстант направија, обична илузија!
Во тој смисол, ако како еден мал илустративен пример го земеме апокалиптичното мрсомудење на Јован Донев за геноцидот што ни се случувал и следствено на тоа неговата ептен експертска препорака да ги прекинеме преговорите со Грција, наспроти јавно изнесениот став на неговиот (не)формален шеф Никола Груевски дека прекинот на преговорите е штетен политички чин за Македонија, тогаш несомнената виртуелно дозирана емотивна еуфоричност од “холокаустот“ пред којшто сме биле изложени јасно ја соголува својата чисто манипулативно-политикантска употребна вредност. Тоа што Донев, слично на Блажета Ристовски (со енциклопедијата) излегува глуп и истрошен, а Груевски паметен, е друга работа.
Ни се чини дека во изминативе две децении ниту едно од посткомунистичките општества, не само на Балканов, ами во цела источна Европа, не биле толку предмет на политичко-ментална мастурбација, спинување, манипулација, шпекулација, како што тоа е случај со ова нашево – македонсково! Спорот околу името, пак, во тој контекст, претставува врв, креативна круна на таквите дејанија, олицетворувајќи ја максимално силината на политичкото подземје наспроти севкупната наша општествена неопторност, некадарност (или, ако сакате, колаборационизам) за соочување и спротивставување кон тие тенденции. А притоа, периодот од 2006 година наваму, односно од почетокот на владеењето на груевистичката “преродба“, можеме сосема комотно, без никаква грижа на совеста, да го оцениме како идеална состојба за размножување и егзистирање на таквиот политички гнасотилак.
Ако до 2006 година спорот со името левитираше во регионалните и глобални политички контексти (што не велиме дека е некој знаменит успех, напротив), “преродбата“ успеа на истиот, да му вбризга невидена виталност, да го интензивира и да го трансформира од регионален во поширок, така речи, континетален политички проблем на чии што маргини, подалеку од очите на јавноста, се препознаваа покрупни политички пазарења, опструкции, надмудрувања... Се разбира, зијанот ексклузивно го трпи овдешното граѓанство. Точно е дека македонските политички фактори за овие две децении неможат да се пофалат со којзнае каков политички капацитет, освен гурбетските лични постигнувања од бавењето со политиката (луѓето се збогатија), меѓутоа, од друга страна, сосе сиот дилетантизам, просто неверојатната “закономерност“ во пропагандното, практичното, и секакво друго политичко артикулирање на штета на македонската држава, дефинитивно говори дека овде не станува збор за несреќни случајности или европејска злонамерност (како што сега се прикажува). Овде, на пример, малку се говори дека “преродбеничкото“ откритие на македонската античка етногенеза (од Букефал наваму, море и отаде Букефала), начинот на којшто тоа беше правено, претставуваше директно анулирање на одредбите од Времената спогодба околу чиешто прекршување ние сега ја тужиме Грција! Иако, патем речено, единствениот предмет на таа Времена спогодба верификувана во ОН е името, а не идентитетот. Секако, таа иницијална каписла не ја сметаме за обична коинциденција, туку, напротив, за одлична ремикс верзија на едни стари политички концепти од времињата на разните Котевци и Каравенгелиси.
“Преродбата“ не само што ги загриза (свесно) тие јадици, туку одеше секогаш понекој чекор понапред во таквата исполнителност (земете ја за пример погоре споменатата Времена спогодба), доследно следејќи ги сите политички насоки што одеа во правец првенствено на реализирање на туѓи регионални интереси, претежно грчките (тука некаде се и српските, се разбира). Минатомесечното грчко изјаснување околу нивната “црвена линија“, колку што претставува нова и можеби една од последните фази од таа драмолетка околу спорот со името, иствремено е и бележит егземплар за тоа како можат персоналните политички интереси да и се спакуваат и продадат на јавноста (и во Македонија, но и во Грција) како врвни национални интереси. Со таа разлика што воопшто не делува “шашаво“, а сепак функционира, перфектно. Ползата од грчката “црвена линија“ подеднакво ја споделуваат и месијата на “преродбата“ Груевски и неговиот колега од југот Папандреу. Дури, ќар има и еден Бранко Црвенковски кој потпливнува на брановите на тој политички симулакрум.
Општото лудило што овде во Македонија се креираше изминативе неколку недели, доби неверојатно “здрава“ грчка логистика, во која граѓаните, загубени во емотивните лавиринти меѓу разумноста и будалаштината, се и да сакаат неможат да ја препознаат димензијата, фундаментите, насоките на целата политичка шпекулативност. Оти јасно е дека вакви, наводно билатерални басни, откако ја губат својата реална политичка употребна вредност за покрупните играчи на глобалната табла, остануваат полезни само за “локалните“ нивни извршители. Односно, доаѓа времето за нивно окончување. И, ако во 2008 година глобалните сили го исцрпеја своето пазарџиство (самитот на НАТО) со спорот со името – Јадранската група, на пример, стана мртов политички поим – сега доаѓа време кога, лека-полека, тој билателарален “проблем“ претставува издуван понтецијал од кого зијанот по сите заинтересирани (големи и мали) може да биде поголем отколку ќарот. Оттука и илузијата на катарзично македонско соочување во кое загрозениот идентитет (со ништо и од никого непредизвикан освен од нас, од овде) треба да ја затскрие суштината – начинот, динамиката и модалитетот на решавањето на проблемот со името. Значи, Грците го спорат идентитетот, а ние си го браниме со хистерично падавичарење, додека Груевски ја успокојува јавноста “зрачејќи“ со својата решителна смиреност дека се е под контрола. Макар додека тој владее, во наредните сто а можеби и повеќе години... И се така, додека едно фино утро не дознаеме дека името е договорено, а идентитетот одбранет! Односно додека Грците, истовремено со нас, недознаат дека нивните политичари успеале, сепак, да ја добијат дипломатската војна – нивното “ерго омнес“. Сите, топтан, среќни и задоволни!
Бездруго, за Грците Груевски е измислен, идеален противник, но во иста мера за Груевски, прво Караманлис а сега и Папандреу се дарови на “провидението“. Синхронизираноста на таа врска не е воопшто тешко да се уочи, под услов човек да е имун (односно целосно да се апстрахира) од актуелново ем “домољубно“ ем “принципиелно“ кукумјавчење. Македонската јавност, за жал, ги нема во моментов тие ментални предиспозиции.