ВО ОБИД ДА СЕ ВКЛУЧИ МЕЃУ ТИЕ ШТО НОВИНАРИТЕ ГИ ДЕЛАТ НА ПРЕДАВНИЦИ И НА ПАТРИОТИ
Од гафови премина на скандалиhttp://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=1921&ArticleID=131751Јасминка Догова
Изјавата на шефот на државата Ѓорге Иванов, кој македонските новинари ги посочи како столб на грчката одбрана пред Меѓународниот суд во Хаг, поради, како што рече, ширењето шпекулации и пласирање погрешни информации во медиумите, е скандалозна, но не и изненадувачка со оглед на редицата гафови што тој ги направи во текот на неговото кратко претседателствување. Новинарите во тоа препознаа тенденција на Иванов за вклучување во редот на тие што новинарите ги делат на предавници и на патриоти, како обид за нивно дисциплинирање. Скандалозната изјава на Иванов, всушност, е продолжение на сапуницата што почна пред новогодишните празници, кога група новинари и претставници на невладиниот сектор беа посочени како грчки платеници, кои со своите ставови и пишувања ја поткопувале преговарачката позиција на Македонија во спорот за името. Претходно, македонските новинари беа посочувани и како поттикнувачи на говорот на омраза во медиумите, со што ги влошувале македонско-бугарските односи. - Претседателот, дефинитивно, по само девет месеци од стапувањето на највисоката функција, стана неприкосновен лидер на листата на најцитираните политичари во државата. Гафовите на шефот на државата веќе не се бројат. Во политичките кругови, на седенките, во кафеаните и меѓу новинарската фела се прераскажуваат сочни анегдоти, а јавноста негодува од неговиот начин на изразување. Неговите досетки ги сметаат за несреќни конструкции, кои не прилега да ги употреби човек што ја извршува престижната претседателска функција - коментираат набљудувачите на политичката сцена. Но, тие потсетуваат дека Ѓорге Иванов со своите досетки предизвикуваше бурни реакции во домашната јавност уште за време на предизборието, како претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беа изјавите за „космодиск демократија“, фрлањето клетви до седмо колено, агитирањето преку неговите студенти, јавно искажаното „неверство“ кон сопругата бидејќи „легнувал и станувал со Македонија“... Горчлив впечаток остави и отсуството на „албанскиот фактор“ на неговата инаугурација, а веднаш потоа и изјавата дека „албанскиот бојкот“ е неважен за неговиот легитимитет. Ќе се паметат и неговата оценка дека западната цивилизација тргнала од селото Паљурци крај Валандово, премислувањата околу средбите со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и потпишаната, па отповикана одлука за помилување на Ламбе Арнаудов, поранешен директор на ЕСМ кој во затворот во Идризово е на издржување на четиригодишната затворска казна за проневера на еден милион евра. Пред новогодишните празници, на бизнис-форумот во Американската комора, Иванов ги забавуваше присутните редејќи ги сите балкански шефови на држави со докторски титули и констатирајќи дека во сила е „смарт пауер“, или моќ во рацете на најпаметните во регионот. - Направете само една обична анализа и ќе видите дека претседателот на Словенија е доктор на науки, претседателот на Албанија е доктор на науки, претседателот на Србија е доктор на науки, претседателот на Бугарија е доктор на науки, а и јас сум доктор на науки - гордо објави тој. А во една таква „докторска“ мисија во Белград направи вистинска збрка со (не)признавањето на договорот за разграничување со Косово. При неговата неодамнешна посета на Берлин, пак, тој невкусно и сосема без потреба, кршејќи ги сите норми за нивото на функцијата што ја извршува, се впуштил во полемика со грчкиот амбасадор Тасос Криекукис. - Јас имам решение за името. Македонија, 39 проценти, Грција, 51 процент. Затоа што нашата територија е 39 проценти од целата област Македонија, но ние сме 100 проценти Македонија. Вие сте само пет проценти Македонија од вкупната територија. Па, сега проценете кој има право на името Македонија - му рече тој на грчкиот амбасадор во Германија. Дел од експертите сметаат дека неподготвеноста на тимот кој работи со претседателот е главниот виновник за продуцирање вакви киксови. - Фактот дека шефот на државата при своите јавни настапи оддава впечаток дека е неподготвен, може да биде показател дека не функционира добро тимската работа во неговиот кабинет. Неговите советници, барем во светот тоа така функционира, треба да се грижат јавниот настап на претседателот да биде на нивото на функцијата која ја извршува - вели комуникологот Сеад Џигал. Тој посочува дека претседателот Иванов, сакајќи да биде во линија на ставовите на партијата која го поставила на оваа функција, несвесно го троши својот легитимитет и паѓа во стапицата на буквализмот. Како пример за тоа тој ја посочува изјавата на Иванов: „Разумен компромис е разумен компромис“, која уште долго ќе се прераскажува.