ЕУ треба да покаже политичка волја
Интервју со Весела Чернева, експерт за Западен Балкан
Весела Чернева е директор на бугарската канцеларија на Европскиот совет за надворешна политика во Софија и програмски директор на Центарот за либерални стратегии. Таа е одличен познавач на политичките состојби во Европа, а во фокусот на нејзиниот интерес е Западен Балкан, за кој вели дека ќе обезбеди трајна стабилност само со вклучувањето во Европската Унија. Чернева е автор на бројни анализи објавувани во најпрестижните бугарски и европски списанија, а работи и како редактор на списанието “Форин полиси – Бугарија” од самото негово основање во 2005 г. Во разговор за “Форум” зборува за европските перспективи на балканските земји и за нивната реална подготвеност да станат полноправни членки на ЕУ
Разговарала: Марија ДИВИТАРОВА
Форум: На почетокот на годинава предвидовте две сценарија за европската интеграција на Западен Балкан. Кои варијанти се можни за натамошниот развој на Балканот?
Весела Чернева: Така е, постои позитивно и негативно сценарио. Позитивното сценарио е можно, особено сега кога Ирска го одобри Лисабонскиот договор кој треба да ги отвори вратите за нови членки.
Унијата треба да вложи политички напори да ја трансформира Босна од протекторат во држава со перспективи за членство, односно да ги мотивира политичарите да работат за доброто на една единствена држава, да ги мотивира да ја реформираат државата, а не да ја делат. Основен елемент во тој поход за средување на состојбите на Балканот е Брисел да ì даде датум и да започне преговори со Македонија и да изврши притисок врз Грција да не го блокира процесот. Во пакетот треба да се вклучат и обновени преговори со Турција. Брисел траба да ја затвори дебатата околу прашањето за независноста на Косово. Забрзувањето на процесот на европската интеграција на регионот треба да вклучува кандидатски статус за Црна Гора и за Србија. Во случајот со Србија, ЕУ треба да одолее на холандскиот притисок. Замената на критериумите за членство на ЕК со условувањето за целосна соработка со Хашкиот трибунал им помагаше на српските демократи во првите години по смената на Милошевиќ, денес таквиот дневен ред, веќе им пречи бидејќи го свртува вниманието од суштинските реформи на сметка на остатоци од минатото.
Но, Македонија има нерешен проблем со Грција кој многу е веројатно да ја блокира европската интеграција, исто онака како што беше случај со поканата за членство во НАТО, која е условена од решавање на спорот. Во една Ваша анализа напишавте дека и Бугарија може да одигра позитивна улога и да направи рамнотежа меѓу двете страни. На што точно мислевте?
Македонија има една барикада за членство во НАТО. Ситуацијата е сложена бидејќи Атина долго време демонстрираше непопустливост околу проблемот со името. Станува збор за натпартиски консензус таму, кој ги обединува двете најголеми партии - Нова демократија и ПАСОК. Од друга страна, во Македонија видовме една кампања на “александризација”. Секој град, секое село требаше да има улица, стадион, мост или плоштад крстени по Александар и по Филип Македонски. Во ваква заострена ситуација, Бугарија може да направи рамнотежа меѓу двете страни и да ги насочи ЕУ и НАТО да ја продолжат интеграцијата на Македонија. Но, треба да се биде многу внимателен бидејќи тука, на Балканот, границата меѓу успехот и неуспехот е многу тенка.
Кое е негативното сценарио што може да му се случи на Балканот?
Неповолното сценарио значи продолжување на процесот на самоизолација на ЕУ во однос на нејзината периферија кое би предизвикало некаков симетричен однос меѓу двете страни, што значи би предизвикало изолација и на земјите од Западен Балкан. Но, ова најверојатно нема да се случи во моменти кога е на повидок спроведување на Лисабонскиот договор.
Колку балканските земји се реално подготвени за полноправно членство?
Балканот не може да ги засука ракавите и експресно да ги исполни прецизните и строги критериуми кои ги бара комесарот за проширување Оли Рен. Дополнително светската финансиска криза се покажа како демон за интеграцијата на Балканот. Оли Рен даде и една изјава дека сега пред Европа има многу посериозни предизвици во економијата и во безбедносната стратегија отколку кога и да е до сега од завршувањето на Студената војна. Тоа создава многу поразличен контекст во однос на проширувањето. Затоа, основната улога во овој процес треба да ја одигра ЕУ која ќе треба да избере дали политиката кон регионот ќе ја води врз основа на сигурноста, што значи да постапува онака за да не ги “заплаши” некои од своите членки кои се скептични кон проширувањето или ќе се раководи од принципи што значи дека секој народ има право да стане член на Унијата.
Сознанието за членство во ЕУ, макар и некој ден, е оној катализатор кој ја поттикнува енергијата на државната машина и на политичарите на Балканот во еден конструктивен процес.
Луѓето од Западен Балкан знаат да ја обвинуват ЕУ за двојни стандарди велејќи дека не е доволно фер во односите со не-членките на Унијата?
Навистина верувам дека ЕУ може да го сработи само нејзиниот дел и може да ја заврши целата работа. Знаеме дека и Унијата сега го бара својот нов карактер, новиот идентитет, ако сакате - нејзиниот политички изглед. Сè уште не е јасно како 27-те европски земји ќе функционираат или би требало да функционираат, а да не спомнувам како би функционирала Унијата со 35 членки. Општествата и елитите во овие земји мора да бидат сигурни дека Унијата ги сфаќа сериозно и треба да ја завршат домашната задача бидејќи од француска или британска перспектива, тешко е да се замисли да има 35 министри за надворешни работи - а некои од нив не зборуваат меѓу себе - а да се има единствена позиција во надворешната политика за енергетика или за трговија. Мислам дека ЕУ сега го бара сопствениот начин на работа, а Западниот Балкан треба да го искористи ова време и да дејствува заеднички.
Зошто сè уште зборуваме за потребата од дијалог меѓу земјите од Западен Балкан кога сите се декларираат како демократски општества?
Имаме проблем со тоа каков тип општества изградивме 20 години по падот на Берлинскиот ѕид. Иако некои земји, како Бугарија и Романија, веќе се во ЕУ, имаат проблеми како владеење на правото, начинот на функционирање на политичките процеси, луѓето се чувствуваат како да не се претставени во власта, и ова е јасен, многу јасен проблем на демократијата. Кога повеќе од луѓето во Западен Балкан велат дека политичките партии веќе не се нивни претставници, тоа значи дека има голем проблем во балканските политички системи, односно демократијата што се базира на овие системи не е исправна.
Може ли да се зборува за политичко помирување на Балканот иако национализмот сè уште не е замрен?
Навистина се плашам дека постои тренд на ренационализација на политичките елити. Сè додека нема реална перспектива за членство во Унијата за повеќето земји од Западен Балкан, или е многу далечна, гледаме дека политичките елити настојуваат да ја исфрлат оваа главна цел од нивната политичка агенда и во основа се трудат да бидат реизбрани. И тие повторно се избираат на власт станувајќи сè поголеми популисти, владеат сè потврдокорно и верувам дека единствено долгорочна мека моќ на ЕУ може да ги трансформира овие општества и да ги насочи нивните елити да соработуваат регионално со соседите. Гледаме дека има сè повеќе билатерални проблеми во регионот и наистина е тажно да се гледа дека 20 години по падот на комунизмот можеме да бидеме многу напред, а не сме.