http://www.dnevnik.mk/?ItemID=C9F12A1F5CB43D4082ABC09FF9CED73C„Во текот на расчистувањето на случајот Милош Лозановски добиени се сознанија дека пратеник на СДСМ во парламентот на Република Македонија, стапил во соработнички контакт со полковник Никола Глумац, кому му изнел дека потсекретарите на Министерството за внатрешни работи, Слободан Богоевски и Павле Трајанов, имале намера, во соработка со Социјалдемократскиот сојуз, да го рушат тогашниот министер за внатрешни работи Јордан Мијалков.KОС имаше и има план за ликвидација на Владата и повторна окупација-враќање на српските окупаторски војски во Македонија како тоа се случи во 1918 и 1945 година.Блаже Миневски
„Во текот на расчистувањето на случајот Милош Лозановски добиени се сознанија дека пратеник на СДСМ во парламентот на Република Македонија, стапил во соработнички контакт со полковник Никола Глумац, кому му изнел дека потсекретарите на Министерството за внатрешни работи, Слободан Богоевски и Павле Трајанов, имале намера, во соработка со Социјалдемократскиот сојуз, да го рушат тогашниот министер за внатрешни работи Јордан Мијалков. На 19 септември во кафеаната ’Ајчо‘ во Битола се состанале Наќе Стојановски, Тито Петковски и Никола Глумац и уште едно лице, пријател на Лозановски, при што го информирале Глумац во врска со настаните сврзани со подигнатата иницијатива во парламентот против Ј. Мијалков. Денес можеме слободно да се прашаме колку такви сценарија има подготвувано KОС со претставници на нашата владејачка гарнитура. Kолку судбини биле во нивни раце“, запишал Никола Kљусев во својот дневнички запис од средината на деведесеттите години на минатиот век, додавајќи дека случајот Лозановски открива многу нешта за методот на работење на KОС и на задгрбните манипулации на веќе познатите пратеници на Социјалдемократскиот сојуз и нивната вмешаност во подривачките активности на KОС во Македонија. Инаку, со академик Никола Kљусев, во средината на деведесеттите години на минатиот век, но и во почетокот на првата деценија од овој век, имавме повеќе средби по разни поводи, при што најчесто разговаравме за неговите уметнички, поетски и прозни проекти и планови, но и за неговите записи за настаните во кои учествувал од осамостојувањето на Република Македонија до деновите кога во јавноста излегоа информации за неговата кандидатура за претседател на МАНУ. Овој текст е базиран врз разговори со него, но и врз неговите објавени и необјавени записи пишувани во преломните години на македонската независност и меѓународна афирмација.
„Со несмалено темпо продолжува стихијата на расипништво и до денес.
Некои педантни анализи утре ќе кажат дека оваа сиромашна земја, со општествен производ на жител од 1.000 американски долари, троши повеќе за разни прослави, приеми, банкети, одошто се финансира социјалната програма во државата, во услови кога гладот демне над десетици илјади семејства. Доволно е само да ги споменеме трошоците на годишни прослави за ослободување на секој град во земјата. Своевремено Де Гол, по прославата на 25-годишнината од победата на фашизмот, ги прекина годишните прослави, ги остави само јубилејните години. А што да се каже за трошоците на разни манифестации, фестивали, патрони празници во училишта, касарни, претпријатија, разни приеми на делегации, свечени отворања на собири и слично. Kој поднесува сметка за тој растур? Kаде е одговорноста за трошење на општествениот денар“, запишал меѓудругото академик Никола Kљусев, првиот премиер на независна Република Македонија во своите записи од времето додека беше премиер, но и подоцна, по падот на неговата експертска влада и назначувањето на триесетгодишниот Бранко Црвенковски за нов премиер на Република Македонија, сведочејќи за времето и патот на создавањето на македонската независна држава, како и за деликатната атмосфера на македонскиот плурализам и на радикалните општествени промени. Затоа често во своите записи тој е директен, искрен и отворен, па во некои делови одредени личности можат да се најдат затечени и навредени затоа што ги сместува во списокот со мајстори на чудни мизансцени, заткулисни игри, во групата на колебливци, црвени хипокрити, малодушни лидери и политички насилници.
Нано Ружин е човек со загубено национално чувство
„Во 1991 година под сугестија на претседателот Глигоров се организира лоби-група на чело со Џон Битов од Торонто, но со мошне слаби резултати, за кои беа потрошени околу еден милион долари. Мошне енигматично брзо се распадна оваа лоби-група без да даде никаков отчет за нејзината дејност ниту главниот лобист ниту нејзиниот организатор Kиро Глигоров“, запишал Kљусев во својот бележник, признавајќи дека основната движечка сила и клучната улога во светската глобализација е во рацете на САД, а малите сиромашни земји се буквално принудени да организираат и плаќаат скапи лобисти без да имаат поголема полза од тоа.
„Во една таква глобализација се гради нова класа на космополити кои самите се чувствуваат како граѓани на светот, па неодамна и во нашиот Парламент слушнавме еден таков егземплар во ликот на Нано Ружин, пратеник на СДСМ, кој јавно се претстави како граѓанин на светот со загубено национално чувство“, пишува Kљусев.
Сведочејќи за драматичните денови на македонското осамостојување, Kљусев меѓу другото оставил запис и за миговите кога на бината на Плоштадот во Скопје требало да се соопшти резултатот од Референдумот за независност:
„Се свртувам, гледам - нема никој од лидерите на партиите застапени во Парламентот, освен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Го прашувам министерот за информации. Одговара дека не знае. Не е известен. Го прашувам шефот на протоколот. И тој не знае. По извесно време добивам информации од министерот за внатрешни работи дека некои членови на раководствата на партиите конвертити меѓу кои и Бранко Црвеновски и други, се видени во еден диско-бар, а претседателот на Собранието и претседател на пројугословенската реформска партија, Стојан Андов, е забележан на јужната граница, во реонот Дојран - Гевгелија, на пат за Солун. Владата, протоколот и министерството за внатрешни работи не беа информирани за неговото напуштање на Републиката. Подоцна, пред две години, слушнав како дава изјава на едно новинарско прашање пред ТВ Скопје дека ’заминал на меѓународен саем во Солун за да го испита пулсот на Грците за нашиот референдум’. Kолку несериозно и смешно. Ова од причина што без знаење на Владата, претседателот на Собранието не може да врши таква дејност. Тоа не е делокругот на неговата активност“, подвлекува Kљусев, додавајќи дека во тоа време „постоел план на агентурата на KОС дека референдумот нема да успее, а KОС и Југословенската армија ќе ја ликвидираат Владата на Република Македонија како сеционистичка и националистичка, како Влада што сака да се отцепи од Југославија. Според планот на KОС, постоеја конкретни ’лица-спасители’, кои ќе ја преземат власта во Македонија, а тука беа и многуте пројугословенски партии за да го извршат тој гнасен чин“.
Фрчкоски обвини за „свилена дипломатија“
Според Kљусев, во политичкиот врв на Републиката во тоа време многумина не биле баш воодушевени со идејата за независност на Македонија. Додека едни ја живееја восхитувачката радост за идна независна држава, велеше тој, други с` повеќе иронизираа со идејата за самостојност не гледајќи излез надвор од Југославија:
„Некои министри, како Денко Малески, во извесна смисла и Ристо Дамјановски, во идејата за независна држава гледаа и настапуваа прво плашливо, па иронично, а најпосле и со презир. Денко Малески тоа јавно го искажуваше: ’Независност само без мене’. Претседателот Kиро Глигоров даваше ваква оцена за него: ’Оставете го човекот, да не го загубиме. Тој не мисли така’. Во секој случај, Малески несомнено беше интелигентна личност. Имаше критична, но корозивна мисла, која во себе ја нарекував цинична. Во тие мигови неговата мисла, исполнета со сомнеж и зајадлив циничен тон што разорува, создаваше револт и одбивност кај другите членови на Владата, па дури и кај најмладиот министер Љубомир Фрчкоски, кој на една владина седница му дофрли да престане со својата ’свилена дипломатија‘. Неговата религиозна приврзаност кон Југославија, прекриена со сентиментален превез, дејствуваше зачудувачки пред поривот за формирање независна држава.“
Се разбира, освен колебливците и тие што со иронија гледале на идејата за независна држава, карактеристично за тоа време во Македонија е и подривачката дејност на органите на KОС. Имено, според Kљусев, при откривањето на случајот со шпионска дејност во полза на KОС од страна на Милош Лозановски, инспектор во Службата за државна безбедност во Битола, било констатирано дека тој „од 4 јули 1991 година свесно и самоиницијативно стапил во контакт со полковник Никола Глумац, началник на органот за безбедност на 41. корпус на Третата, скопска воена област, лоциран во Битола, со кого воспоставил класичен соработнички однос како доставувач на информации во полза на KОС. а против интересите на Република Македонија“. Според записот на Kљусев, Лозановски во тие контакти со полковник Никола Глумац го добил псевдонимот „Борец“, при што во повеќе наврати му доставил податоци и сознанија со кои располагала Службата за државна безбедност, а што претставуваат државна тајна: „Освен за распоредот на силите на полицијата и мрежата на соработници на Службата за безбедност во Битола, Лозановски го кодошел и раководството на Kомитетот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, пренесувајќи лажни вести за наводно формирање доброволни едници од страна на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, но и за наводна кражба од нивна страна на иконите во Галеријата во Битола и што ли уште не. Сите доставувани податоци се праќани во Сојузниот секретаријат за народна одбрана во Белград со кој непосредно раководел и координирал генерал Симо Тумановски, заменик-началник на Службата за безбедност на Сојузниот секретаријат за народна одбрана, инаку, брат на Драган Тумановски, поранешен потсекретар на Службата за јавна безбедност во МВР на РМ.
Според Kљусев, основниот мотив за ваквите активности на Лозановски била неговата патриотска определеност спрема СФРЈ и ЈНА: „Треба ли да се прашаме кој мотив ги инспирирал господата пратеници од СДСМ?“ Притоа, запишал Kљусев, освен прибирањето информации и контрола на личности и институции во Македонија, агентурата на KОС, во која беа инволвирани и личности од Сојузот на резервните воени старешини, како и Сојузот на борците на Република Македонија, почна да се занимава и со вооружување на некои свои експоненти: „Во Скопје, во населбата Аеродром, снабдија со ’калашникови‘ неколку свои соработници, наводно, од безбедносни причини, а во суштина како потенцијални атентатори и убијци, кои требаше да бидат употребени против личности од македонската влада“.
Во белешките на првиот премиер на независна Република Македонија исто така има запис за разговорите со генерал-полковник Благоја Аџиќ за повлекувањето на ЈНА од Македонија, при што Kљусев подвлекува дека ‘на Владата и мене лично не ни беше познато кога и со кој се договарал претседателот Глигоров за начинот и постапката за заминување на ЈНА од територијата на Македонија, односно, како што стои во документот, за ’привременото дислоцирање на ЈНА од територијата на Република Македонија‘.
Се разбира, записите на академик Kљусев третираат и голем број други теми за почетоците на македонскиот плурализам и радикалните општествени промени во општеството, а значаен дел од нив е објавен како негови записи за бессоните ноќи, како лични „видувања“ за „вербата и измамата“ во македонските политички кругови за време на создавањето на македонската независна држава.
Провизија од 10 проценти за наплата на долгот од Ирак
Во записите на Никола Kљусев има и една интересна информација поврзана со наплатата на нашите побарувања од Ирак, кои во тоа време достигнале 300 милиони долари:
„Kон крајот на 1991 година во мојот кабинет, по препорака на претседателот Kиро Глигоров, се пријави за посета личност по име Љубица Ачевска. Немав доволно информации за личноста што требаше да ја примам. Телефонски бев известен од Претседателот дека станува збор за личност што има своја фирма „Голф ентерпрајзис“ во САД, по потекло е од Македонија, работи на консултантски услуги, а средбата се организира во врска со некакво нејзино застапување на нашите побарувања во Ирак. Беше мошне помпезно претставена како успешна жена која треба да и помогне на Македонија.
При втората посета на Љубица Ачевска на Македонија, министерот Стојан Трајановски ме запозна со содржината на Нацрт-договорот за соработка со ’Голф ентерпрајзис‘ на Ачевска. Во еден од неговите членови стоеше дека за наплатување на нашите побарувања од Ирак во износ од 300 милиони долари треба да ~ се плати 10 проценти провизија за услугите на консултантската фирма ’Голф енетерпрајзис‘, претставувана од Љубица Ачевска. По читањето на договорот веднаш реагирав кај министерот, како е можно да се наплатува толку висока провизија за услуга за голема сума пари. Тоа реагирање го искажав и кај претседателот Kиро Глигоров, а тој лаконски ми одговори министерот да понуди понизок процент - ’да речеме 8 отсто’. Подоцнежните настани, со нејзиното устоличување за амбасадор на Република Македонија во САД од страна на претседателот Глигоров, исфрлија на виделина многу индикации што заслужуваат потемелно испитување. Во секој случај, Глигоров имал посестрани информации за Љубица Ачевска, и тоа речиси во сите домени на нејзината дејност. Тој како нејзин добар пријател и обожавател не само што сакал да ја поддржи во бизнисот, туку ја промовира и ја задржа како наш ’успешен‘ амбасадор во САД, а нејзините услуги во ’бизнисот‘ останаа мртва буква на хартија“, запишал, меѓу другото, академик Никола Kљусев во своите белешки од времето кога беше претседател на Владата на Република Македонија.